Избрани се песните за домашниот избор за Евровизија, граѓаните ќе гласаат на онлајн платформа

by fokus

Стручната комисија на МРТ избра шест песни кои ќе се натпреваруваат на Националниот избор за песна и претставник за Евровизија 2022.

Како што информираат од МРТ, жирито во состав од Мери Попова, Зоран Мирчевски, Биљана Николовска, Александра Јовановска, Јана Бурческа , Маја Трпчановска и Ардита Имери ги преслушале 47-те пристигнати композиции на конкурсот, и од нив ги избрале шесте кои ќе се натпреваруваат.

Станува збор за песни во изведба на Калина Велковска – Кaly, Јон Ајдини – Yon Idy, Лара Иванова, Виктор Апостоловски, Андреа Коевска и Борис Цветановски – Ris Flower.

Насловите на сите песни се на англиски јазик.

-Согласно Правилникот, за избраните 6 композиции, МРТ ќе изработи лирик видеа кои ќе бидат поставени на онлајн платформа за гласање на јавноста. Песните ќе и бидат презентирани на јавноста на 28.01.2022 (петок) во емисијата Стисни Плеј на МТВ, со почеток од 22 часот, кога ќе започне и онлајн гласањето.

Платформата за гласање ќе биде отворена 7 дена, односно до 04.02.2022 година. Победникот ќе се добие по пат на онлајн гласање, како и според гласањето на меѓународното стручно жири во сооднос 50%:50%- соопштија од МРТ.

Вики Клинчарова