Ревизорите Татјана Димитровска, Цвета Ристовска и Зоран Богоевски, вработените во антикорупциската комисија Билјана Каракашова Шулев и Бесник Џемаиљи, судијката Софија Спасова Медарска и Сервет Демири од ревизијата на претпристапната помош за ЕУ се предложени за нови членови на комисијата за борба со корупцијата, објави Призма.мк.
Овие личности по тридневно јавно интервјуирање ги изгласа комисијата за избор на ДКСК.
Ранг листата со нивните бодувања беше објавена пред полноќ. За да станат членови на ДКСК нив потоа треба да ги изгласаат пратениците на пленарна седница.
Претседател во следните пет години ќе биде Димитровска. Таа 19 години работи во Државниот завод за ревизија, а од пред две години е помошник на главниот ревизор, меѓудругото, како што рече и за ревизија на политички партии, ДКСК, АВМУ, ДИК и други.
За членови на антикорупциската комисија беа пријавени 41 кандидат. Од нив дел ревизори, вработени во Државната комисија за спречување корупција, во други владини и јавни установи, судии, обвинители…
Јавното интервјуирање траеше три дена.
Во четвртокот, петокот и саботата кандидатите ги испрашуваше комисијата за избор, пратениците и претставници на граѓанскиот сектор.