На предлог на Министерството за образование и наука, Владата денеска донесе измени и дополнувања на Уредбата за примена на Законот за високото образование за време на вонредна состојба, со цел овозможување редовна организација на високообразовните установи во делот на уписите на сите степени на високообразованите институции.
„На оваа седница на Владата направено е и допрецизирање во членот 5 од Уредбата за законот за високо образование, кој предвидува дека на органите на универзитетите на кои мандатот им истекува за време на вонредната состојба, постапките за избор ќе ја започнат, односно продолжат во рок од 30 дена од завршување на вонредната состојба. Со ова дополнување се регулира дека сите почнати постапки за избор на раководен орган пред стапување во сила на оваа уредба ќе се стават во мирување. Дејствијата кои се преземени претходно се сметаат за важечки, а останатите дејствија ќе продолжат по завршување на вонредната состојба и по престанок на ограничувањата предвидени со закон“, објаснуваат од Илинденска.
Од таму посочуваат дека била усвоена и одлуката за бројот на студенти за запишување во прва година на факултетите.