Изборот на Талат Џафери за претседателот на Собранието, што се случи на 27 април 2017 година, утре ќе се најде на дневен ред на седницата на Уставниот суд.
Подносители на оваа иницијатива се Тодор Петров, претседател на Светски Македонски Конгрес, Васко Лазески од Кичево, Богдан Илиевски и Борис Дамовски од Скопје и Томе Тодоровски, адвокат од Свети Николе.
Во иницијативата е наведено дека оспорената Одлука е потпишана од неовластено лице во својство на заменик-претседавач на Конститутивната седница на Собранието на Република Македонија.
Подносителот смета дека оспорената одлука за избор на претседател на Собранието не е во согласност со членот 63 став 1 од Уставот поради тоа што Одлуката не била донесена на седница на Собранието на која требало да претседава претседателот на Собранието од претходниот состав кој ја свикува конститутивната седница на Собранието не подоцна од 20 дена по одржаните избори на 11 и 25 декември 2016 година.
Меѓу другото, во иницијативата се наведува дека оспорената одлука за избор на претседател на Собранието, фактички била донесена по затварање на седницата на Собранието на 27 април 2017 година, од страна на неопределен број пратеници, и со тоа биле сторени повеќе кривични дела согласно Кривичниот законик.
-Постапката уредена со Деловникот на Собранието била прекршена меѓу другото и поради фактот што немало минимум 61 пратеник кои гласале „за“ изборот на Талат Џафери, со оглед на тоа што отсуствувале пратеници во салата за време на траењето на изборот на импровизираната седница, а во отсуство на служба која раководи со техничките средства, немало евидентирано ниту кои гласале „за“, „против“ или „воздржано“, како и бројот на присутни пратеници, пишува во иницијативата.
Оспорената одлука била потпишана од пратеникот Горан Мисовски, кој не бил претседавач на конститутивната седница и како таква Одлуката која воедно била и објавена во „Службен весник„ на 8 мај 2017 година била во спротивност со Уставот, Законот за Собранието и Деловникот на Собранието.
В.В.