Племенито треба да е чувството додека стоиш на собраниската говорница и зборуваш со гласот на тие што те избрале. А тие се повеќе од секој еден од нас. Воедно, не смееме во ниту еден момент да заборавиме која е уставната позиција на Собранието, кои се линиите на разграничување од извршната и судската власт, затоа што кога ова разграничување беше далеку од фокусот, намерно или не, завршивме како заробена држава.
Пишува: Фатмир БИТИЌИ
Партиите ги составија листите со кандидати за пратеници, во изборните програми дефинирани се приоритетите со кои ќе се започне предизборната трка.
Актерите се познати, улогите дефинирани, сцената поставена, во исчекување е само делот од сценариото кое треба да го напишеме ние, учесниците во процесот, сите ние кои на 8 мај очекуваме граѓаните да го дадат гласот за нас.
Обезбедувањето на можност тие да учествуваат во овој партиципативен процес на управување со државата и избор на нивните претставници во законодавниот дом, преставува повеќе од процедурален чин.
Демократската атмосфера ја градиме ние, кандидатите за пратеници. Како до неа?
Одговорот треба да го бараме во вредностите, во тоа што го носиме во нас, а доколку не го носиме, да ја направиме промената во себе за потоа да можеме да менуваме таму каде што сакаме да бидеме, во Собранието.
Како ко-носител на листата за пратеници во втората изборна единица од СДСМ во предизборната понуда се најдов и јас.
Уште една попатна станица во моето професионално животно патување, кое го започнав во граѓанскиот сектор, продолжив во бизнисот, за да завршам во политиката.
Ова се почетни моменти на транзиција кон функција која својот легитимитет го црпи директно од граѓани, од нивниот глас.
Ова не е само личен чин, задоволување на лични амбиции, на него гледам и како усогласување со принципите и вредности со кои се раководам целиот живот.
Изборниот процес нужно не мора да го доживуваме како борба за задоволување на тесни интереси, како судир на спротивставени сили кои во налетот едни кон други, себично заслепени во себе се закануваат да ја разурнат државата. Потребна е политичка самодисциплина, да го разбереме и кон него да се однесуваме како една нормална демократска и редовна можност граѓаните да партиципираат во одредувањето на судбината на државата.
ОДГОВОРНОСТ И И ИНТЕГРИТЕТ
Ние увертирата на ова ја направивме, овие парламентарни избори се првите редовни избори од 2006 година. Успеавме изминативе четири години да се ослободиме од тензијата на вонредните избори.
Покажавме посветеност на демократски принципи, обезбедувајќи континуитет и стабилност во функционирањето на системот, што е важно за одржувањето на интегритетот на институциите.
Сега е потребно да покажеме интегритет ние, кандидатите за пратеници, независно дали сме од владејачки или опозициски партии, вредносно да бидеме активни учесници во развивањето на парламентарната демократија уште пред да се седне во собраниските клупи.
Личниот интегритет е најважен за виталноста на демократијата и довербата во политичкиот процес.
Без интегритет, ризикуваме да предизвикаме ерозија на процесот, да го разбудиме скептицизмот кај граѓаните и да го поткопаме легитимитетот на идните институции.
Затоа ја имаме одговорноста да учествуваме без најмалку да ја нарушиме довербата на граѓаните, немаме право да разбудиме сомнежи дека манипулативно им ја нарушуваме можноста да го искористат своето демократско право да учествуваат во поставувањето на правецот на движење на државата наредните четири години.
Промената започнува во нас, за да продолжи во државата, општеството. Никој од нас не е изолирано парче од целината наречена демократија.
Парламентарната демократија не е само систем на владеење, таа е одраз на нашите колективни аспирации, кои го влечат својот корен од индивидуалните вредносни релјефи.
Степенот на нашата лична подготвеност да допуштиме личните ставови и погледи да бидат вкрстени и преиспитани од некој друг, од нечиј други позиции и перспективи, зборува за нашата лична политичка култура, за нашето политичко воспитание.
Во домот на демократија нема место за политички невоспитани. Треба да градиме атмосфера на почитување и разбирање, која ќе води кон широка инклузивност на политички стремежи и очекувања.
Неопходна е доблест да дискутираме и да се соочуваме со различни аргументи, да сослушуваме различни идеи.
ДИЈАЛОГОТ НЕ Е НЕДОСТИЖЕН
Уште сега да вежбаме да бидеме чувари на демократија, за тие кои ќе ја имаат привилегијата да влезат во Собранието да бидат будни за иднината на нашата држава.
Функцијата пратеник не е само механичко застапување на интересите на граѓаните, тоа е и привилегија за да се дејствува како управител на демократија, а не на монархија.
Племенито треба да е чувството додека стоиш на собраниската говорница и зборуваш со гласот на тие што те избрале.
А тие се повеќе од секој еден од нас. Воедно, не смееме во ниту еден момент да заборавиме која е уставната позиција на Собранието, кои се линиите на разграничување од извршната и судската власт, затоа што кога ова разграничување беше далеку од фокусот, намерно или не, завршивме како заробена држава.
Дијалогот помеѓу политичките партии не е недостижен. Бев сведок, активен учесник во еден трансформативен чин во Собранието преку кој ја демонстриравме моќта на компромисот.
Националната развојна стратегија(НРС) ја доби поддршката од речиси сите владејачки и опозициски партии. Дваесет годишната визија за развој на државата успеа да ги помири спротивставените политички сили.
Нашата демократска визија е таа која треба сега пред изборите треба да го направи тоа што го постигнавме со НРС, да ги амортизира тензиите.
Верувам дека изборниот процес може да биде не е само за борба за власт, туку и можност за вклучување во дијалог со електоратот, слушање на нивните грижи и нудење опипливи решенија за решавање на нивните потреби.
Доколку сите го разбереме и прифатиме изборниот процес на овој начин, како шанса својот личен вредносен систем да го развиеш и унапредиш, тогаш делот од сценариото кој е празен, ние учесниците во изборите ќе го напишеме на достоинствен и демократски начин.
Ова е патеката која ќе не одведе до изборен резултат кој ќе ја згасни балканската емоција на трибализам, на колективизам, на исклучивост, на негација на различностите, на правото секој еден да биде различен.
(Авторот е потпретседател на СДСМ)