Изборни бројки: Голема победа поради голем пад на ривалот

ВМРО-ДПМНЕ е убедлив победник на локалните избори, иако на советничките листи освои помалку гласови отколку на ланските парламентарни избори. Сепак, овој пад е многу поголем кај СДСМ, делумно поради фактот што коалициските партнери БЕСА, ЛДП и ДОМ настапија самостојно. Притоа, ДУИ успеа да го повтори резултатот, но загуби две битни општини од ААА и БЕСА.

by Фокус

Убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ наспроти СДСМ и сериозна штета врз ДУИ од страна на ААА и БЕСА – вака накусо може да се резимира исходот од локалните избори, откако вчера заврши и вториот изборен круг.

Имено, ВМРО-ДПМНЕ освои над 40 градоначалници, вклучително и во речиси сите големи центри, додека СДСМ освои 16 градоначалнички места.

Што се однесува до албанскиот блок, ДУИ доби 10 градоначалници, меѓутоа изгуби во две клучни општини – Тетово и Гостивар, каде победија кандидатите на БЕСА и на ААА.

Арно ама, при изборот за градоначалник големо влијание има самата личност како и разните коалициските комбинаторики во вториот круг.

Па, реалната партиска поддршка и моментална сила на политичките партии и нивните коалиции обично се гледа на советничките листи.

Доколку се земе во предвид гласањето за советничките листи во првиот изборен круг, произлегува дека само ДУИ од сите партии од „големата четворка“ ја одржала поддршката добиена на ланските парламентарни избори.

Наспроти тоа, кај сите останати „големи“ партии и коалиции се забележува пад во гласовите, со тоа што, се разбира, најголем е падот кај СДСМ, додека помал пад се регистрира кај ВМРО-ДПМНЕ и АА.

Поточно, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ на овие локални избори освои над 288 илјади гласови на советничките листи, без да се смета листата за Град Скопје (се сметаат советничките листи на скопските општини).

За споредба, речиси истата опозициска коалиција на ланските парламентарни избори освои над 315 илјади гласови, или 27 илјади гласа повеќе.

Сепак, сојузот на ВМРО-ДПМНЕ на овие локални избори на советничките листи освои околу 50.000 гласови повеќе од гласовите на коалицијата на СДСМ, која забележа уште поголем пад во споредба со парламентарните избори.

Односно, социјалдемократите и нивните предизборни партнери на листите за советници освоија над 238 илјади гласови, додека на последните парламентарни избори победија со над 327 илјади гласови.

Тоа претставува пад од дури 89 илјади гласови, што делумно се должи и на фактот што коалицијата на СДСМ на овие локални избори беше помала за неколку партии во споредба со онаа што настапи на парламентарните избори.

Една од нив е БЕСА, која на овие избори освои две градоначалнички места, а на советничките листи освои значителни над 25.000 гласови.

Воедно, и ЛДП и ДОМ на овие локални избори одлучија да настапат самостојно, при што освоија околу 22 илјади гласови на советничките листи, покрај едното градоначалничко место.

Оттука, доколку овие 3 партии би биле дел од предизборната коалиција на СДСМ на овие локални избори како што беа на последните парламентарни избори, тогаш падот на советничките листи, грубо кажано, би бил двојно помал.

Исто така, пад има и кај албанската опозициска коалиција на Алијансата за Албанците и Алтернатива, која сега на советничките листи освои над 56 илјади гласови, а само една година порано на парламентарните избори освои над 82 илјада гласови.

Од таа гледна точка, предизборната соработка на оваа коалиција со ВМРО-ДПМНЕ можеби им помогна да победат во трките за градоначалници во Гостивар и Дебар, но негативно влијаеше врз нивниот резултат на советничките листи.

Иако загуби битни центри како Гостивар и Тетово, сепак, кај ДУИ се забележува една констатнтност и стабилност во поглед на поддршката од гласачите, имајќи во предвид дека на советничките листи освоија над 104 илјади гласови, или речиси исто како и на последните парламентарни избори.

Притоа, пораст е регистриран кај опозициската Левица, која на ланските парламентарни избори освои над 37 илјади гласови, а на овие локални избори на советничките листи освои скоро 50 илјади гласови, со тоа што треба да се нагласи дека не настапија во секоја општина.

Инаку, многу гласови на овие локални избори се одлеаа кон независните советнички листи, за кои гласаа над 56 илјади гласачи.

В.С.

Поврзани новости