Изборите не треба да се промовираат како решение на сите предизвици со кои се соочува државата. Наместо за мерење мускули, добриот изборен резултат што го постигна ВМРО-ДПМНЕ и широката и стабилна коалиција што успеа да ја состави со ВЛЕН и ЗНАМ треба да ги искористи за затворање на отворените политички прашања, се разбира – на достоинствен начин. Во спротивно, со отворени прашања со соседите и со блокирана европска перспектива, многу потешко ќе се остварат приоритетните цели за независни институции, правна држава и економски просперитет, како основни предуслови за запирање или ублажување на демографскиот егзодус.
Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ
„Ако сакате да одиме на избори, да се провериме. Заедно со локалните избори, може да одиме. Ако сакате, одма сега да ја договориме работата. Но, да не се удавите во длабокото, каде што ве носат…“. Вака премиерот Христијан Мицкоски му се обрати на лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, откако тој на собраниската седница за пратенички прашања побара премиерот да го врати мандатот бидејќи ја употребил придавката „Северна“, иако пред изборите ветил дека тоа нема да го стори.
Дека не станува збор за политичка стратегија на власта за организирање двојни избори следната година, односно со редовните локални да се распишат и предвремени парламентарни избори, стана апсолутно јасно неколку дена подоцна, кога Мицкоски изјави дека не е проблемот дали да се оди на предвремени парламентарни избори од партиски аспект, туку, според него, не било потребно сега да се трошат пари за избори.
– Овојпат мислам дека (поразот на опозицијата) ќе биде поголем од тој што го имаа пред 6 месеци. Или да избереме опција да работиме 4 години и да ги засукаме ракавите за доброто на граѓаните? Јас би ја избрал втората опција. Затоа реков мандатот на оваа влада на граѓаните што го доби е 4 години. Ние носиме одлуки што се во интерес на граѓаните, не во интерес на љубители на естрада – рече Мицкоски, за подоцна да констатира – ако на локалните избори граѓаните ни дадат жолт картон, тогаш ќе одиме на предвремени парламентарни избори.
И така е! Во право е премиерот кога вели дека новата влада треба да ги засука ракавите и да испорачува реформи, проекти, резултати, особено во областите што самите ги означија како приоритетни – економски развој, борба против криминалот и корупцијата, пробив во интеграцискиот процес итн. Тогаш, зошто му е потребно на Мицкоски самиот да приредува естрада со мачо-изјави во стилот на неговиот претходник Никола Груевски, кој на секој напад одговараше – „ајде на избори“, практично нудејќи ги изборите како рецепт за решавање на секоја криза и ситуација?
Осоколен од високиот рејтинг, и со оглед на фактот дека сѐ уште наспроти себе има декласирана и неконсолидирана опозиција, Мицкоски постојано може да го користи наративот за избори, што веројатно му носи и одреден политички бенефит, во смисла малку да го сензибилизира и хомогенизира своето гласачко тело и традиционалните поддржувачи, кои одвреме-навреме сакаат да чујат таков тип пораки, кои им го креваат моралот. Едноставно, станува збор за триумфалистичка реторика што безрезервно ја прифаќаат.
Арно ама, сѐ си носи и свои ризици, па така и овие барања, најави или прозивки за избори, сеедно. Колку и тие да беа дел од еден политички фолклор, за нив веднаш се залепи ДУИ на Али Ахмети, кој одговори: „Јас не бев во Собрание и подобро што не бев, бидејќи (Мицкоски) немаше да бара предвремени избори… Да видиме дали ќе држи до зборот или ова го кажа само за да ја уплаши опозицијата на Македонците…“. Можеби, ДУИ е единствената партија на која ѝ одговараат брзи избори. Зошто?
На тој начин, додека сѐ уште го држат на купче Европскиот фронт и додека сѐ уште имаат солиден рејтинг, нешто повисок од оној на конкурентскиот ВЛЕН, интегративците би постигнале изборен успех, врз основа на кој ќе бараат учество во идната влада со потврден т.н. етнички легитимитет. Патем, така Ахмети би покажал дека не се плаши од изборен натпревар, дека верува во себе и своите политики, како и дека не сака сега и веднаш да стане дел од власта по секоја цена.
Но, тоа дефинитивно не е во интерес на ВЛЕН, кој сѐ уште функционира како збир од партии чиј главен заеднички именител беше детронизација на ДУИ, отколку како една организациски и идеолошки синтетизирана структура. За да се случи тоа обединување и факторизирање на ВЛЕН, потребно е време, кое би го немале со брзи (парламентарни) избори, што воедно се судира и со една нивна друга тактика. Имено, ВЛЕН сака во следните години да ги чисти инсталациите на ДУИ во институциите, а поранешни високи функционери да се соочат со одговорност, па дури по 4 години да се судри со дисквалификуван и компромитиран опонент.
Засега, овој интерес на ВЛЕН се совпаѓа со оној на ВМРО-ДПМНЕ, како водечка и доминантна сила и во владата и на политичката сцена. Ако вмровците трпат многу удари за прифаќањето на Преспанскиот договор и уставното име, додека од Илинденска стигнуваат сигнали дека владата би влегла во решавање и на спорот со Бугарија со цел отворање на преговарачките поглавја, и покрај тоа што мнозинство етнички Македонци се против напредок кон ЕУ по цена на уставните измени, тогаш праќањето на ДУИ во опозиција ќе му остане најсилниот аргумент на Мицкоски дека она што го ветил пред избори го исполнил.
Во таква ситуација, при легитимирана „Северна“, при расположение за изнаоѓање модус или пакет околу уставните измени со цел внес на Бугарите во преамбулата, како и при исклучително забавена испорака во делот на правдата и правната држава, имајќи ја предвид нестрпливоста на граѓаните на овој план, тогаш евентуална соработка на ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ, макар и тоа бил реформиран ДУИ без Артан Груби и останатите од првиот партиски ешалон, дополнително ќе го намали авторитетот на партијата, кога е во прашање дадениот збор и повлечените потези.
Оттука, бустирањето на ВЛЕН во однос на ДУИ од страна на ВМРО-ДПМНЕ е инвестиција за самото ВМРО-ДПМНЕ, кое ем има подобра соработка со ВЛЕН, ем преку соработка со ВЛЕН го чува сопствениот рејтинг, кој би се намалил доколку соработува со ДУИ, ем на тој начин им одржуваат воспитна лекција и им сервираат еден вид слатка одмазда на интегративците поради нивното учество во неуспешната операција за враќање на Груевски, со цел да се направи раскол во ВМРО-ДПМНЕ.
Ако се погледне малку пошироко, дури и останатиот дел од опозицијата може да најде интерес во брзи избори. И покрај тоа што сѐ уште е во крајно лоша состојба и позиција, СДСМ би можел да најде свој интерес од причина што и онака ќе претрпи голем пораз на локалните избори, па дали поразот ќе биде само на локални или на двојни избори, не прави многу разлика. Меѓутоа, овие избори Филипче би можел да ги искористи за поставување нови, многу поквалитетни, поборбени, но и полојални пратеници, бидејќи сегашната пратеничка група на СДСМ е, народски кажано, каша-попара.
Притоа, има уште една причина која би одела во прилог на СДСМ, а тоа е дека на следните избори ќе има реална шанса да се бори за враќање на дел од гласачите што се одлеаја во ЗНАМ, од кои еден дел веќе го искажаа својот гнев и се подготвени да се вратат во старото јато, а оној другиот клиентелистички дел сигурно, во голема мера, е незадоволен од добиеното, бидејќи просто има премногу крокодили, а барата е премала за сите. Сепак, за гласачите на ЗНАМ се бори и Левица, која, исто така, на брзи избори би можела да порасне, па така засилена може да претставува уште понезгоден противник за ВМРО-ДПМНЕ.
Кога сето тоа ќе се земе во обѕир, испаѓа дека целата опозиција би можела да има некаков ќар од двојни избори, а најмногу ДУИ, која ако не успее брзо да се врати на власт, а брзи избори за пратеници се најдобар пат кон Илинденска (средбите со граѓани и најавите за протести се принудни потези на очајник), тогаш во Мала Речица ќе се отворат други процеси, кои интегративците ќе ги турнат во исто сценарио како ВМРО-ДПМНЕ по политичките промени во 2016-2017 година – истраги, обвиненија, пресуди, како и внатрешни борби. Од друга страна, токму тоа го посакува ВМРО-ДПМНЕ, кое засега успешно ја игра играта ВЛЕН да го користи како брана од ДУИ, а ЗНАМ, пак, да го користи како брана од ВЛЕН.
Но, настрана партиските резони, изборите не треба да се промовираат како решение на сите предизвици со кои се соочува државата. Наместо за мерење мускули, добриот изборен резултат што го постигна ВМРО-ДПМНЕ и широката и стабилна коалиција што успеа да ја состави со ВЛЕН и ЗНАМ треба да ги искористи за затворање на отворените политички прашања, се разбира – на достоинствен начин. Во спротивно, со отворени прашања со соседите и со блокирана европска перспектива, многу потешко ќе се остварат главните цели за независни институции, правна држава и економски просперитет, како основни предуслови за запирање или ублажување на демографскиот егзодус.