Изборите би биле безбедни ако се почитуваат мерките, смета Филипче

by Fokus

Министерот за здравство Венко Филипче останува на ставот дека сè уште е рано за отворање на границите бидејќи, како што вели, треба да помине период на имплементација на нашите мерки за олабавување. Во однос на изборите, пак, тој смета дека тие би биле безбедни по здравјето ако се почитуваат мерките.

„Апсолутно стојам зад тоа дека ако се почитуваат мерките, за што било, може безбедно да се одржи што и да е“, истакна Филипче.

Тој повторно го објасни ставот зошто смета дека сега ситуацијата е под контрола, а во септември ризикот би бил поголем.

„Во однос на ризиците и на сегашната состојба, ова е нешто што се случува во сите земји кои ги попуштаат рестриктивните мерки. Не може да се живее во таква рестрикција. Затоа ние донесовме еден таков пакет во кој ги попуштивме рестрикциите, но мора да се носи опрема. Зошто сметаме дека ситуацијата сега е повеќе под контрола отколку што би била во септември? Затоа што сепак сè уште се присутни ефектите од оние рестрикции на движењето, карантинот, не работат училиштата и градинките. Сите овие фактори, надополнети со тоа што покасно во есен би значело една епидемија од вообичаен сезонски грип, може значително да ја комплицира ситуацијата. И такви се предвидувањата не само на СЗО, туку и на многу други земји“, рече Филипче.

Поврзани новости