Ниту еден политичар од власта, а има посебни министри и советници како Љубе Бошкоски на пример, не успеа да донесе странска инвестиција. Да отвори ново работно место. Ама вистинско, не оние 30.000 во администрацијата
Наум СТОИЛКОВСКИ
Македонија и ЕУ имаат една сличност. Европа замислува две брзини. Ама замислува. Дали и кога ќе реализира, е тоа е прашање. Ама сега им е полесно, затоа што Таче на Зоки веднаш го поздрави. Таче веќе ги пуштил сите оние „напредни ѕвезди“ од журките за ЕУ сега да ја шират мантрата дека ЕУ е стара шема, ова новото што се замислува е „кул и топ“. Уште поинтересно, Македонија да се откаже од сонот за влез во ЕУ, нарекувајќи го „невозможна мисија“.
И Македонија исто е во две брзини. Една е брзината на катастрофата и националните порази, а друга е брзината на мафијата на власт. На пример, ниту инфлацијата не е толку брза колку што Мафијата може да извади пасоши на белосветски битанги и никој да не одговара за тоа. И затоа можеби брзината на поздравот за Европа во две брзини од Мафијата не ме изненадува.
Ниту брзината со која Бујар Османи го поздрави извештајот од ЕП исто е дел од таа на Мафијата. Му е гајле на Таче тоа што Бујар дозволи да бидат вградени сите катастрофални амандмани за историја, јазик и посебност во документот. Важно е тие да покажат единство на локален фудбалски натпревар и да му дадат ветер во пцостите и примитивизмот на Талат Џафери во Парламентот, ама овој домашниот.
Е па поголема причина за избори нема. Или има?
ИЗОЛАЦИЈА
Македонија никогаш не била поизолирана држава како овие години. И тука не зборувам само за привидната политичка комуникација што ја има државата, претежно преку поздрави на разни документи, туку за онаа реалната.
Македонија тоне во кризи оставена сама на себе. И уште Таче и Бандата тоа го поздравуваат. Има и зошто е така. Кој е тој политичар во Франција, на пример, за кој Макрон може да одговори дома како комуницира со луѓе што не поведоа истраги, и по повеќе од половина година нема никој одговорен за коруптивно потпалени пожари што проголтаа 60 луѓе во три месеци? Македонија дозволи 60 луѓе живи да горат!
Или, како комуницираат со Талат на пример, кој во Парламентот го изреди сиот простотилак? Како да објаснат комуникација со криминогена власт, која Македонија ја потона во тешка економска криза? Освен секако онаа комуникација за „платете ја струјата преземена без договор“ или „решете си ги проблемите“.
Да не биде гола реторика, еве и факти. Ниту еден политичар од власта, а има посебни министри и советници како Љубе Бошкоски на пример, не успеа да донесе странска инвестиција. Да отвори ново работно место. Ама вистинско, не оние 30.000 во администрацијата. Или да отвори работа, пласман за домашни компании надвор, за што веќе вторпат Љупчо Путерот е министер.
Тоа е уште една, ако не и најголема причина за избори и смена на власта.
ПРЕСПАНСКА ЕКОНОМСКА НУЛА
По Преспа, промената на името, таа срамна операција поради која беа правени и журки за ЕУ, Македонија стана дел од НАТО. Досега можеше, и мораше, ако некој го интересира моето мислење, барем еден дел од економијата веднаш да биде врзан во таа машинерија.
Шиење чаршафи, шиење гаќи, полнење вода или производство на тоалетна хартија да добиеше Македонија за НАТО војските, да не одам понатаму со разни кабли или компоненти за воената индустрија, Македонија ќе имаше работа за пола држава. И со тоа верувајте никому немаше да го загрози стандардот, на ниедна држава-членка на НАТО.
Барем јаболката, оние токму од Преспа, зелката, онаа од близина на Муртино, производите што срамно чинат два денари килограм, да се договореше да завршува во базите на НАТО, ќе имаше подобар пласман од нулата до сега.
Тоа требаше да биде главната компонента, „излезната стратегија“ за оправдување за срамот наречен „промена на Уставот“. Тоа што „странците“ сега не ги фермаат, тоа е уште една причина за избори.
И ШТО СЕГА?
Констракта на Евровизија заврши со зборовите „И што сега“? Прашање на место: Што ќе правиме сега? Особено што резилот од Преспа се истакнува како причина Бугарија да ја тргне блокадата. А повеќе од смешно е тоа да се користи како аргумент, бидејќи токму Преспа како решение е аргумент за Софија да се надева за остварување на своите барања. Еднаш прекршени норми во неразумни спорови прави модел за понатаму.
Европа во две брзини или кој било модел не би требало да е нешто што се однесува за Македонија. За Македонија, освен почеток на преговори и брзи интеграции, ќе биде само уште еден аргумент против ЕУ и воопшто меѓународната заедница при обидот за медијаторство каде било во светот.
Веќе не е само Македонија во прашање. За ЕУ, Констрактиното „Што ќе правиме сега“, е прашање со познат одговор! За Македонија, избори и нова кредибилна власт што ќе ја извади државата од изолација и ќе го врати достоинството и на државата, и на процесот.