Речиси 1,7 милиони Словенци со право на глас в недела ќе излезат на гласање за да одлучат помеѓу политиката што ја спроведува актуелниот премиер Јанез Јанша во последните две години и алтернативата што ја ветува менаџерот Роберт Голоб, претставувајќи се како негов антипод.
Словенците в недела ќе изберат 90 пратеници во деветтиот состав на Државниот збор (парламентот) откако Словенија стана независна.
Според анкетите, во мртва трка се Јанша и Движењето за слобода кое пред изборите го формираше Роберт Голоб, истакнат менаџер кој долги години раководеше со големата државна енергетска компанија ГЕН.
Неизвесно е и која е трета насилна партија затоа што поддршката е речиси израмнета и за Левица и за Социјалдемократите.
Изборниот праг од четири отсто сигурно ќе го поминат и демохристијанската Нова Словенија, а на работ се центристичката партија „Да ја поврземе Словенија“ (ПОС) и партиите на Аленка Братушек (САБ) и на Маријан Шарец (ЛМШ).
За влез во парламентот се борат дваесетина партии и граѓански листи, а се смета дека за стабилна идна влада во коалицијата треба да има најмалку три или четири партии со околу 55 пратенички места во новиот парламентарен состав.
-Издржавме и направивме сè што требаше, одиме мирно на избори и ќе се бориме за гласови до затворање на гласачките места во недела – рече Јанша на завршната предизборна конвенција на неговата Словенечка демократска партија која ја води речиси 30 години.
Пред своите поддржувачи и кандидатите за места во новиот парламент, Јанша зборуваше за успесите на неговата влада во спречувањето на пандемијата на Ковид-19 во последните две години, невработеноста која достигна најниско ниво од 2008 година и субвенциите што неговата влада ги дава на бизнисите и граѓаните.
Тој го обвини ривалот Голоб и левичарската опозиција што го поддржува за политички илузионизам, обвинувајќи го дека е експонент на „длабоката држава“ и претставник на привилегираната општествена класа.
Голоб, кој влезе во политиката со неговата партија Движење за слобода на почетокот на оваа година, вели дека негова цел е да создаде стабилна влада на либералниот центар и левицата која ќе владее со земјата два мандата и ќе ги направи неопходните промени во земјата.
-Луѓето мора сами да одлучат дали сакаат да живеат во полициска држава. Во недела гласањето не е против Јанша туку против полициската држава – рече Голоб во еден од неговите последни медиумски настапи.
Тој очекува неговата партија да освои најмалку 25 места во парламентот и да формира влада во соработка со либералниот центар и левицата, влада која во парламентот ќе има најмалку 50 гласа за поддршка.
Претпоставката е дека ако освои релативно мнозинство во новиот парламент, тој би направил коалиција со Левица, социјалдемократите САБ и ЛМШ, под услов да влезат во парламентот.
Според словенечките набљудувачи, коалицискиот потенцијал на Јанша е помал бидејќи зависи пред сè од успехот на изборите на христијанските демократи од Нова Словенија (НСИ) и од листите на десницата кои беа составени непосредно пред распишувањето на изборите.