Иако резултатите од изборите во САД не се конечни, може да се заклучи дека очекувањата за целосна доминација на Републиканците не се остварија во целост, вели универзитетскиот професор Васко Наумовски, кој е поранешен амбасадор во САД и вицепремиер за евроинтеграции.
Во изјава за Фокус, Наумовски посочува дека веројатно ќе дојде до пресврт во Претставничкиот дом, додека за разврска во битката за Сенатот ќе се почекаат конечните резултати и повторното гласање во една држава.
–Новото републиканско мнозинство во Претставничкиот дом ќе донесе нови можни пречки за реализација на приоритетите на Белата куќа, особено во пресрет на 2023 година, кога ќе започнат и подготвителните активности за следните претседателски избори во 2024 година – вели тој.
Наумовски додава дека во Републиканската партија се потврди поделбата меѓу поддржувачите на Доналд Трамп и неговите противници, што, според него, ќе биде и најсериозниот предизвик при внатрепартиските избори за номинација на нивниот претседателски кандидат.
–Убедливата победа на гувернерот на Флорида, Рон Десантис, ги зголемува неговите шанси за претседателска кандидатура, знаејќи дека неговата победа во традиционалните демократски средини во Флорида значи и можност за привлекување на нови гласачи за него и на национално ниво – анализира Наумовски.
Според Наумовски, идеолошка доследност на Десантис придонесува за силна поддршка кај традиционалните републикански гласачи, а економските резултати во сојузната држава што ја раководи, пак, го прават прифатлив и за неопределените гласачи, особено во време на актуелната економска криза.
–Од друга страна е веројатната нова кандидатура на Трамп, кој се соочува со можни обвиненија поврзани со класифицираните документи пронајдени кај него – истакнува Наумовски.
Натамошната внатрешна поларизација кај Републиканците, според него, оди во прилог на Демократската партија и актуелниот претседател Џо Бајден, чијшто рејтинг, како што нагласува, е сериозно разнишан поради лошите економски параметри и растечките поделби во американското општество.
–Обединета Републиканска партија ќе има поголеми шанси за победа во 2024 година, особено доколку демократите повторно го кандидираат Бајден, како што е најавено – смета Наумовски.
В.С.