Избори во Белорусија: Не е избран ниту еден опозициски пратеник

by Fokus

Ниту еден кандидат на опозицијата не е избран во белорускиот Парламент, покажуваат официјалните резултати од вчерашните парламентарни избори.

Сите 110 пратеници се од партии, лојални на претседателот на земјата Александар Лукашенко, кој на власт е близу четврт век.

На вчерашните избори, опозицијата ги изгуби единствените две места во Претставничкиот дом.

На последните парламентарни избори во 2016 година, Лукашенко им дозволи на двајца кандидати од опозицијата да освојат места во 110-члениот Парламент, првпат во две децении, иако на двајцата им беше забрането да учествуваат во вчерашните избори.

Лукашенко вчера објави и дека планира да се кандидира за претседател на изборите во 2020 година. Тој рече дека изборите најверојатно ќе се одржат во текот на летото следната година.

Лукашенко е првиот и сѐ уште актуелен претседател на Белорусија, по нејзиното осамостојување од СССР во 1994 година. Пред да ја добие претседателската функција, Лукашенко водел сопствен бизнис со земјоделски фарми. Првиот мандат го доби на изборите одржани на 10 јули 1994, вториот во септември 2001, третиот во март 2006, четвртиот во декември 2010 и петтиот мандат во октомври 2015 година. За да биде избран повеќе од двапати, тој организираше референдум во земјата во октомври 2004 година.

Поврзани новости