По зајакнувањето на десницата на изборите минатата година во многу земји, меѓу кои Италија, Шведска, Унгарија и Израел, изборите следната година би можеле да донесат нови промени на политичката сцена во Европа и светот.
Извесно е дека на чело на Чешка повеќе нема да биде Милош Земан, на власт ќе останат левичарската финска премиерка Сана Марин и либералната естонска премиерка Каја Калас, додека во Словачка на власт може да се врати Роберт Фиц.
Во 2023 година први на избори ќе излезат Чесите, кои на 13 и 14 јануари ќе го изберат наследникот на Милош Земан. По 10 години на чело на државата, Земан нема право да се кандидира за трет мандат.
Малку е веројатно дека некој кандидат ќе победи во првиот круг. Според истражувањата на јавното мислење, најголема поддршка, од околу 27 отсто од гласачите, моментално има поранешниот премиер Андреј Бабиш, кому му се суди за манипулации со европските субвенции.
Во вториот круг би можеле да влезат поранешниот воен генерал Петр Павел, кој го поддржуваат околу 25 отсто од гласачите, и професорката по економија Дануше Нерудова, која ужива зголемена поддршка и која, доколку победи, би била првата жена лидер на Чешка.
Нов претседател во 2023 ќе добие и Кипар, по изборите закажани за 5 февруари.
Вториот мандат на актуелниот претседател Никос Анастасиадис завршува, а најголема шанса да го замени има независниот кандидат Никос Христодулидис, поранешен министер за надворешни работи.
Во Естонија на 5 март ќе се одржат парламентарни избори на кои коалициската влада предводена од премиерката Каја Калас би можела да го загуби мнозинството.
И премиерката на Финска, Сана Марин би можела да ја загуби функцијата по парламентарните избори на 2 април. Иако петте партии кои ја сочинуваат нејзината коалициска влада најверојатно ќе го задржат мнозинството во парламентот, меѓу нив расте недовербата, а анкетите покажуваат дека централно-десничарската Партија на национална коалиција (КОК) има најголема поддршка.
Во април се очекуваат редовни претседателски избори во Црна Гора, која со месеци е во длабока политичка и институционална криза, особено по неодамнешното прегласување на измените на Законот за претседател.
Во Грција, по парламентарните избори во јули, партијата Нова демократија на премиерот Киријакос Мицотакис најверојатно ќе остане најголема партија. Сепак, за разлика од 2019 година кога го освои мнозинството пратенички места, оваа година можеби ќе и треба коалициски партнер за да формира нова влада.
На 22 октомври и Швајцарците ќе изберат нов парламент, а според првите прогнози нема да има поголеми промени.
Во Шпанија ќе има парламентарни избори во декември, додека претседава со Советот на ЕУ.
Пред тоа, во мај, ќе се одржат општински избори, кои многумина ги гледаат како „лакмусов тест” за коалициската влада на премиерот Педро Санчез, која ја сочинуваат Социјалистичката работничка партија и Обединети можеме.
Големи промени може да се случат во Полска на парламентарните избори наесен.
Според анкетите на јавното мислење, опозицијата има добри шанси да ја замени конзервативната евроскептична коалиција Обединета десница, чиј член е и партијата Право и Правда.
Исходот од изборите би можел да влијае на односите на Варшава со Европската унија, со која долго време е во спор поради состојбата во судството и владеењето на правото.
Следната година во Словачка може да се одржат вонредни парламентарни избори, бидејќи на малцинската коалициска влада на Едуард Хегер и беше изгласана недоверба во средината на декември.
Последните анкети покажуваат дека опозицијата има добри шанси да победи на предвремените избори.
Бугарите би можеле повторно да излезат на избори на пролет, по петти пат во две години, бидејќи главните политички сили не можат да формираат стабилно мнозинство.
Годинава Луксембург ќе има парламентарни избори во октомври, а локални во јуни, на кои за првпат ќе можат да гласаат странските државјани без разлика колку долго живееле во земјата. Досега правото на глас беше ограничено само на странците кои живеат во Луксембург повеќе од пет години.
Во Турција на 18 јуни ќе се одржат претседателски и парламентарни избори. Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во последните години ја губи поддршката пред сè поради економската криза, а неговата Партија за напредок и развој го загуби апсолутното мнозинство во парламентот на претходните избори во 2018 година.
Следната година во февруари, ќе се одржат општи избори во најнаселената африканска земја Нигерија, каде безбедноста стана главен проблем за гласачите поради зголемените напади на екстремистичките и сепаратистичките групи.
И Аргентинците ќе избираат претседател, заменици и гувернери, а парламентарните избори на Куба во март ќе бидат први избори од 1976 година на кои не учествуваат ниту Фидел Кастро, ниту неговиот брат Раул.