ИЗБОРИ: Апсолутна власт за Мицкоски, Пирова победа на Ахмети, тежок удар за Ковачевски!

Кои се главните поенти и пораки од постизборните говори на главните учесници во изборниот процес?

by Фокус

ВМРО-ДПМНЕ оствари убедлива победа на двојните претседателски и парламентарни избори, освојувајќи 58 пратенички мандати, а нивната кандидатка за претседател над половина милион гласови. Притоа, партискиот лидер и иден мандатар Христијан Мицкоски порача дека граѓаните ја ослободиле државата и вети поинакво владеење. Досега владејачкиот СДСМ, пак, доживеа изборен дебакл по што партискиот лидер Димитар Ковачевски најави внатрепартиски избори на сите нивоа. Во албанскиот блок, најмногу гласови и пратеници освои коалицијата на ДУИ, но тоа е Пирова победа за Али Ахмети, со оглед дека веќе речиси сигурно е дека дел од новата влада ќе биде ВЛЕН. Вреди да се напомене дека пратенички групи ќе формираат и Левица и ЗНАМ. Ги издвојуваме главните поенти од најважните постизборни говори!

ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ, ЛИДЕР НА ВМРО-ДПМНЕ

Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар за составување нова влада, изјави дека народот одржал лекција кон власта и си ја спасил државата.

Оваа генерација ја има неповторливата можност да создаде ново поглавје во кое Македонија ќе биде горда и Македонија ќе биде ваша и ќе има иднина заснована на вредности и надеж. Ја вративме надежта и вечерва имаме причина за славење – рече Мицкоски.

Тој посочи дека за секое ветување ќе го даде и последниот атом од неговите сили да се оствари и да не го разочара народот.

И вечерва сум горд на народот, кој застана на патот на поделбите. Вечерва се покажа дека нема Македонија на ДУИ, нема Македонија на СДСМ, нема Македонија ниту на ВМРО-ДПМНЕ, нема лева или десна, источна или западна. Има само една, единствена и вечна, независна, слободна Македонија – рече Мицкоски.

Притоа, им се заблагодари на сите што гласаа.

Нема да ве разочараме. Планирам резултатите од нашата работа да се почувствуваат уште во првите сто дена од формирањето на владата. Во напредна фаза сме и во разговори за силен инвестициски пакет, кој ќе ја помогне економијата. Ова не сакав да го соопштувам пред кампањата за да не се исполитизира истото. Но, очекувајте уште во првите сто дена многу добри вести – рече Мицкоски.

Исто така, тој упати порака до неговите сопартијци.

Никогаш не го заборавајте овој народ, овој народ кој испиша историја на овие избори, народ кој со голема упорност и верба, со истрајност, достоинство и со гласачко ливче го победи криминалот, корупцијата, поткупите и притисоците. Овој народ денеска ги порази сите Милевци, Артановци, Алиевци, кои го погазуваа сите овие години и си ја вратија повторно Македонија.

Народот покажа дека ничија свеќа не гори до зори и порано или подоцна следува одговорност. Да го запомниме тоа, затоа што од судот на народот никој не избегал, како и од судот на Бога. Велат кога се качуваш по скалите, никогаш не ги заборавај луѓето што ќе ги сретнеш патем.

Не ги заборавајте овие луѓе, оставете бел образ, бидете одговорни и бидете чесни. Ќе се соочите со судот на народот пак. Паметните учат од туѓите грешки, немој ни на крај памет да ви падне да го потцените мудриот народ – рече Мицкоски.

Според него, има причина сите да се радуваат и да се задоволни и длабоко благодарни.

Но, и причина и лекција да не влегуваме во еуфорија, ароганција и самобендисаност. Граѓаните очекуваат резултати. Нема да е лесно, имаме многу предизвици, но ова денес е показател дека заедно ќе успееме.

Доста е со деновите кога една влада им служеше само на групите на своите коалициски партии – нашата влада ќе им служи на сите Македонци. Без разлика на нивниот пол, возраст, регион или етничка припадност и секако без разлика кого поддржувале или за кого гласале.

Посакувам власта во заминување да научи од грешките. Би сакал сега да ги надминеме поделбите и да најдеме заеднички мир, затоа што мора да служиме како пример за сите Македонци, а особено за младата генерација но и за сите идни – додаде тој.

ДИМИТАР КОВАЧЕВСКИ, ЛИДЕР НА СДСМ

Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски рече дека изборниот резултат е разочарувачки, но го призна поразот и им честиташе на противниците. Патем, тој најави дека СДСМ ќе биде одговорна, силна, принципиелна и државничка опозиција.

На СДСМ му е зададен тежок удар. Не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и од поддржувачите на партијата. Во следниот период детално ќе ги анализираме овие резултати. Секако во наредните месеци ќе треба посериозно и подлабоко да го најдеме изворот и причините за овој поразителен исход.

Не сакам да носам избрзани заклучоци и не сакам да посочувам виновници. И јас и партиското раководство имаме одговорност и сите именувани и избрани функционери имаат одговорност вклучително и сите партиски функционери на локално и на централно ниво.

Никој реално не е без одговорност и тука ќе мораме заедно да поминеме низ овој процес. СДСМ ќе треба добро да погледне навнатре да размисли што направивме и кои се резултатите и слабостите во последните 4 години, можеби и во последните 7 години – рече Ковачевски.

Тој повика на нови внатрешни избори на сите партиски тела и на централно и на локално ниво, почнувајќи, како што рече, од претседателот, раководството, па сѐ до претседателите на општинските организации и на сите органи и тела на партијата.

Тој процес не смее да биде долг, но никако стихиен или пак експресен. Тоа е процес на длабока промена и консолидација, може да го изведат само оние кои се спремни да се жртвуваат за иднината на партијата и демократијата на државата. Оние кои немаат багаж од каков било вид, особено не такви карактеристики, поради кои граѓаните го испратија СДСМ во опозиција – рече Ковачевски.

Според него, првиот чекор во консолидацијата на СДСМ мора да биде обновувањето на идеолошката и вредносна матрица, која ќе ги собере сите сили на прогресивната идеја на Македонија на левиот центар.

Вториот чекор треба да биде длабока кадровска промена и создавање силен кадровски потенцијал со вистински социјалдемократи, со вредности и знаења, со мотив и со искреност. И трето да се реформира организациската поставеност на партијата. Секако има уште многу елементи, но за тоа ќе се разговара во партијата.

Клучно во овие промени ќе биде целосно консолидирање на СДСМ и враќање на победничките патеки. Но, додека се случува овој процес, ние не можеме и не смееме да ја занемариме нашата одговорност кон државата и граѓаните.

Не се сомневам дека многу граѓани вечерва чувствуваат страв. Страв од прекумерната моќ што ја има партијата, која е позната по злоупотреба на моќта. СДСМ и коалицијата треба и мора да бидат одговорна, силна и државничка опозиција – рече Ковачевски.

Исто така, тој рече дека одлучил да ја каже вистината со која, како што рече, живеел веќе две години.

Вистината е дека актуелниот систем во кој живееме води повеќе сметка за ПР-от отколку за суштината. За површината отколку за длабината. И граѓаните со право се незадоволни и не веруваат во ништо. Многуте кризи придонесоа голем број наши граѓани да се иселуваат, да се чувствуваат несигурни, обесправени и без верба во својата држава.

Корупцијата на секое ниво, личните интереси, долгата европска интеграција, нискиот просечен раст на економијата од само 1,9 отсто во изминатите 30 години, непотизмот, клиентелизмот, бизнис-интересите, етничкиот професионализам, се само дел од крупните дефекти на системот што ја јаде и ја разорува државата, кој мора конечно да се промени – рече Ковачевски.

АЛИ АХМЕТИ, ЛИДЕР НА ДУИ

Али Ахмети, лидер на ДУИ, која ја предводеше коалицијата Европски фронт, го повика ВМРО-ДПМНЕ да го остави фолклорот на страна и да бидат разумни.

Легитимитетот ни го дадоа граѓаните, мнозинството Албанци и малите заедници, како Турците, Бошњаците и Ромите, на кои им се заблагодарувам. Ова е првиот чекор кон долгите етапи на Фронтот за Европа до полноправно членство во ЕУ – рече Ахмети.

Според него, повеќе од кога било на државата ѝ треба стабилност, мир, нула проблеми со соседите, владеење на правото, почеток на преговорите за членството во ЕУ.

На прашањето дали со победата на ВМРО-ДПМНЕ значи дека ДУИ оди во опозиција и каква опозиција ќе биде ДУИ, Ахмети одговори:

„Мислам дека не ме разбравте кога реков дека на државата ѝ треба стабилност и иднина“.

АРБЕН ТАРАВАРИ, ФРОНТМЕН НА ВЛЕН

Арбен Таравари, еден од лидерите на сојузот ВЛЕН и претседателски кандидат, вели дека го очекувал изборниот резултат и изрази убеденост дека ВЛЕН ќе биде дел од идната влада.

Сите наши анализи покажуваа дека разликата ќе биде еден или два пратеници, колку што тие имаа гласови од малцинствата. Инаку кај Албанците дефинитивно ВЛЕН има легитимитет. Следниот чекор е да седнеме и да се договориме за идната влада – посочи Таравари.

Според него, изборниот ден за албанскиот блок е историски.

Кажав и претходно, 8 мај ќе биде историја за Албанците и за ова ќе пишува во книгите. По 22-годишен режим на ДУИ, мислам дека ДУИ од денес е во опозиција. И тие се свесни и го знаат тоа – подвлече Таравари.

Откако ВЛЕН освои 13 мандати, Таравари испрати порака до ДУИ:

„Реков дека сум доктор и дека на крај ги давам лековите! Два пати на ден после леб. Помина…“.

ДИМИТАР АПАСИЕВ, ЛИДЕР НА ЛЕВИЦА

Димитар Апасиев, лидер на Левица, која на парламентарните избори оствари подобар резултат отколку во првиот круг од претседателските, изјави дека освоиле 6 пратенички мандати.

Она што се залагавме, тоа ни успеа. Го пасокизиравме СДС, ја кутнавме црвената буржоазија, што ни беше детски сон уште од транзицијата, на под 20 пратеници, што не го ни сонувавме – рече расположениот Апасиев.

Тој додаде дека постигнале уште една победа.

И покрај сета наша маргинализација, а фаворизација на Максо, го преполовивме проектот на ЗНАМ на пола од претседателските избори, што покажува дека овој изборен систем повторно нѐ краде, затоа што некаде го водиме за 4 илјади гласови, а имаме исто пратеници. Тоа ќе биде првото барање на Левица, воведување една изборна единица – порача меѓу другото Апасиев.

МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ, ЛИДЕР НА ЗНАМ

Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, кој во трката за претседател освои повеќе гласови отколку што освои неговата партија на парламентарните избори, изјави дека почнува борба за достоинствена Македонија.

ЗНАМ вечерва испиша историја. Ние потврдивме минимум пратеничка група и некаде околу 60 илјади гласови – кажа Димитриевски и се заблагодари на граѓаните што излегоа на изборите.

Тој порача дека продолжуваат согласно ветувањата во предизборната кампања, согласно нивните определби, програмски и сето што беше ветено пред граѓаните.

Ние сме партија формирана од граѓаните, ќе бидеме со граѓаните и ќе работиме за граѓаните – додаде Димитриевски.

Прашан дали ќе остане градоначалник или размислува за владата, тој рече дека нема никакви размислувања, ќе остане доследен на неговите ветувања и, како што истакна, секогаш со кумановци.

ГОРДАНА СИЛЈАНОВСКА-ДАВКОВА, ИДНА ПРЕТСЕДАТЕЛКА

Јас тврдам дека ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани. Тоа значи на сите етнички групи, на сите членови на партиите, на оние кои не се во партиите, бидејќи не може ниту еден претседател да трага по единство, ако држи партиски линии, изјави кандидатката за претседателка, Гордана Силјановска-Давкова, која победи на изборите.

Како што порача таа, портите на граѓанските позајмени канцеларии се отворени за сите.

Она што го ветив во предизборната кампања, почнувајќи од народните канцеларии, преку обраќањата до Парламентот, преку личностите во Судскиот совет, Уставниот суд и Советот за безбедност, дека ќе ги вршам врз основа на стручност, компетентност и нема да ја заборавам разноликоста – рече таа.

Таа истакна дека мора да се стави крај на балканизацијата.

Затоа ние мора да почнеме меѓусебе да се разбираме, да си помагаме, да не посегнуваме по вето, туку да посегаме по поддршка – рече Силјановска, потенцирајќи дека ќе ги брани државните и националните интереси.

СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ ВО ЗАМИНУВАЊЕ

Стево Пендаровски, сѐ уште актуелен претседател на Македонија, кој го призна изборниот пораз, рече дека резултатите се јасни.

Немам намера подетално да ги образложувам, сакам да им честитам на победниците и да им посакам успешна работа во следните четири, односно пет години – изјави Пендаровски.

Тој порача дека неговата совест е мирна.

И натаму верувам дека Македонија може да успее само како мултиетничка држава интегрирана во ЕУ – рече Пендаровски, додавајќи дека ќе се врати да предава како професор на факултетот каде што беше и претходно, пред да биде избран за претседател во 2019 година.

Прашан дали за поразот се виновни СДСМ, тој кажа дека долги месеци пред да ја најави втората кандидатура, кажал дека е битно да се има партиска поддршка, бидејќи живееме во држава која е силно партизирана.

За жал, партократските елити ден денеска се посилни од таа граѓанска компонента да ја наречам, не само во изборниот процес, туку во нашиот политички живот воопшто и ми беше битно да видам во каква кондиција ќе биде коалицијата од 15 политички партии предводена од СДСМ, значи уште пред Нова година на последните сондажи знаев дека не се во онаа кондиција во која биле пред пет или 10 години – рече Пендаровски.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости