Не постои власт и опозиција во класичен смисол. Сѐ е обична фарса на перфидна и дискретна коалиција. Функционираат во симбиоза како приватна корпорација, која во име на евроатлантската стратегија здушно делува за разнебитување на македонизмот. Живи биле, па виделе дали по парламентарните избори сегашната опозиција ќе се согласи за уставни измени?
Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Не оди, не оди – па ќе застане. Така некако може да се дефинира тридецениското македонско изарчено време!
Минатата недела се удри уште еден клин во ткивото на македонизмот. Во име на европскиот процес, во Собранието беше укинат филибастерингот како право на неограничена расправа за определени прашања, особено за оние кои ги засегаат националните интереси.
За обесмислувањето на парламентаризмот и враќање на едноумието, здружено гласаа статус-кво клановите СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
Чинот на изјаснувањето потврди дека октроирана Македонија е експериментална (пара)држава. Под маската на лажен „европски фронт“, мајката ѝ ја расплакаа нејзините сајбии Курто и Мурто со константата и самопрогласениот господар Турто.
Се потврди дека не постои власт и опозиција во класичен смисол. Сѐ е обична фарса на перфидна и дискретна коалиција.
Функционираат во симбиоза како приватна корпорација, која во име на евроатлантската стратегија здушно делува за разнебитување на македонизмот.
Живи биле, па виделе дали по парламентарните избори сегашната опозиција ќе се согласи за уставни измени?
Уште потрагични би биле неофицијалните и непотврдени сознанија за постизборна широка коалиција меѓу трите статус-кво крим структури СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ!
Народ кој избира корумпирани, измамници, арамии и издајници не е жртва, туку соучесник. Така предупредува Џорџ Орвел.
ВАРЕЊЕ НА ТИВОК ОГАН
Македонците три децении и кусур се варат на тивок огон како жаба во тенџере, во кое водата постепено се загрева до точка на вриење.
Таа би скокнала кога наеднаш би ја фрлиле во врелата вода. Вака се сварува без реакции.
Времето е живот. Може да се врати било што, но не и изарченото време. Македонија почна да го арчи веднаш по добиената самостојност.
Три децении арамилак, распродажба, разврат и лицемерие со антимакедонското трио, кое ја „закопа“ Македонија.
Без него немаше да ги има Тиранската платформа, Преспанскиот и договорот со Бугарија, кој треба да се финализира со уставните измени и конечно затворање на македонското прашање.
Етноцидната операција „Големото нулирање“ за бришење на македонскиот идентитет, почна лека-полека, со креирање „северномакедонски атрибути“, од идентитетот, историјата, јазикот, културата.
Кулминира со сменувањето на кодот, па дојде дотаму што се смета за ерес изговорањето на името Македонија.
Циниците би рекле: „Можеби е поарна кованицата Северномакедонец, отколку понижувачкиот демунатив Македонче“!
„Северномакедонскиот идентитет“ станува реалност, бидејќи се поврзува со новото име на државата.
Фактички, неможноста за самоопределување на идентитетот, значи псевдодржава.
Вистинската мора да има територија, население и власт, а Македонија нема суверена власт како основен атрибут на државност.
Во антимакедонскиот историски негаторски сет, Грција ексклузивно го присвои правото на антиката, а Бугарија ја ремоделира средновековната и понова историја.
За утеха, останува „северномакедонската историја по 2018 година“. Се проблематизира и македонскиот јазик, кој БАН го нарекува „северномакедонски бугарски јазик“.
ШТО ФАТИЛЕ – ОГРАБИЛЕ
Дури и на домашен терен „бетонираниот“ македонски јазик почнува да се нарекува „северномакедонски мајчин јазик“, односно „мајчин јазик на РСМ“.
Со ваквиот инженеринг, конечно се затвора македонското прашање. Оттука и ултимативниот рок за замена на личните документи во кои стои „Северна“, а државјанството се означува со коса црта како „македонско/ граѓанин на РСМ“.
Нема значење што во Преспанскиот договор е предвидено измените да се вршат сукцесивно со отворање на секое поглавје во преговорите со ЕУ, а да се финализираат во рок од пет години оттогаш.
Преговорите не се почнати, ама родоотстапниците и неразбрани трговци трчаат како прле пред магаре!
Се виде колку е саатот уште пред три и кусур децении. Не постои нешто во сиве изминати години кое трите криминализирани и корумпирани кланови допреле, а не исушиле.
Нема такво за што се фатиле, а не го упропастиле, искомпромитирале или ограбиле.
Невозможна мисија претставува реформирање на статус-кво криминалниот картел СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Нема иднина со клановски „лидери“ од лингури и гниди, кои, без око да им трепне, го ребрендираат македонскиот код во грчко-бугарски!
Народот е сопственик на својата иднина. Тој мора да го отфрли на буништето на историјата картелскиот октопод од трите крим кланови и да избере нова опција.
Само така ќе го запре бесконечното арчење на време, самодоверба и надеж!