Поранешниот портпарол на МВР и актуелен директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски, во интервју за емисијата „Правец“ на српскиот канал „Пинк“, вели дека со Договорот од Преспа, Заев има за цел да го промени националниот идентитет.
Котевски за „Пинк“ тврди дека ситуацијата во македонското Собрание пред една недела била драматична и дека пратениците со месеци претходно биле подложени на притисок.
-Седницата беше закажана, но немаа успех во обезбедување на двотретинско мнозинство. После се, пратениците гласаа во 22.00 часот ноќта. Цел ден траеше драмата и тензиите, а Собранието беше опколено со специјалци, што не е согласно европските стандарди – објаснува Котевски.
-Осум пратеници на опозицијата не го издржаа притисокот кој со месеци беше вршен врз нив, па ја изневерија партијата и нејзиното членство. Тие го изневерија и македонскиот народ – вели тој.
Котевски додава дека премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, го поддржала влезот на Македонија во ЕУ и НАТО иако Велика Британија пред две години го започна процесот на напуштање на Европската Унија.
-Западните лидери сакаат да успее овој Договор и Македонија да влезе во ЕУ и НАТО, но не знаат колкава е цената на тој преспански договор. Тие сакаат Македонија да нема пречки на патот кон ЕУ, но не знаат која е цената што ние ја плаќаме – додава тој.
Според Котевски да не успееше гласањето во парламентот, Заев ќе беше поразен, како што вели, на вонредните парламентарни избори што требаше да следат.
-Ние во тој случај ќе имавме повеќе ингеренции и ќе можевме да ги пропагираме своите ставови за кои се бориме – вели тој.