Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денеска изјави дека Белград останува посветен на процесот на дијалог, кој се води под покровителство на Европската унија, и покрај упорното одбивање на Приштина да ги исполни своите обврски преземени одамна и да не дозволи српската заедница да гласа на парламентарните избори.
Во своето обраќање пред Министерскиот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Скопје, Дачиќ изрази очекување дека сите договори досега ќе бидат имплементирани без натамошно одлагање.
Тој посочи дека Белград го цени придонесот на мисијата на ОБСЕ во реформскиот процес кој трае повеќе од две децении и исклучителната соработка која од самиот почеток се заснова на партнерски односи.
„Би сакал да ја истакнам соработката со Мисијата на ОБСЕ на Косово и Метохија, врз основа на статусно неутралното меѓународно присуство во покраината, иако положбата на Србите таму е потешка од кога било досега“, рече тој.
„Ја користам оваа прилика да укажам дека Србите на Косово и Метохија се соочуваат со сè потешки форми на институционална и верска дискриминација, загрозена безбедност и економска несигурност. Им беше одземено правото на глас и учество на претстојните парламентарни избори во Србија, а неодамна имаше неодговорно движење на спомен плочата на српските војници во Приштина“, рече Дачиќ.
Безбедносната ситуација во Косово е причина за длабока загриженост, затоа верувам дека само силно меѓународно присуство, кое ги почитува меѓународните правни документи, може да гарантира безбедност за сите граѓани, рече тој.
Дачиќ истакна дека Србија останува посветена на членството во Европската унија, како нејзин главен надворешнополитички приоритет.