Претседателот на Здружение на медицински лаборанти Клинички центар Скопје, Ивица Апостолов, и вработен во ЈЗУ Универзитетски институт за клиничка биохемија Скопје, кој од самиот почеток на пандемијата редовно апелира за совесно однесување и почитување на мерките за заштита од вирусот, вели дека по вчерашните бројки на новорегистрирани позитивни случаи, крајно време е луѓето да го променат своето неодговорно однесување, бидејќи ќе се случи општа катастрофа.
Тој речиси секојдневно на својот социјален профил алармираше за состојбата, од аспект што како здравствен работник, свесен е дека напливот на пациенти е огромно оптоварување на здравствените капацитети, кое медицинарите кои се обични луѓе од крв и месо, нема да можат да го издржат.
-Вчерашната бројка на инфицирани е нешто за што предупредив минатата недела и искрено не сум среќен што сум бил во право со бројките посебно за Скопје, но сакам да предупредам дека бројот на нови инфицирани лица со Ковид-19 може да достигне и бројка над 1.000-1.500 на ден доколку сегашниот тренд продолжи и понатаму. Апелирам до сите надлежни институции, до Град Скопје, но и до Општините кои се најповеќе погодени со бројката на инфицирани (Аеродром, Карпош, Центар и останатите) да преземат сериозен и заеднички координиран пристап за спречување на епидемијата на корона вирусот, затоа што бројот е сериозно зголемен, а наведените општини имаат голем број на население и може да ни се случи домино ефект и општа катастрофа. Јас разбирам дека од економска гледна точка нашата Држава не може да си дозволи ново затворање како што беше во почетокот на епидемијата, но оваа нова настаната ситуација треба под итно да се реши, а ние како здравствени работници, но и Државата ниту можеме, ниту смееме да си дозволиме, не само економски, туку пред се од здравствен аспект вакво зголемување на инфицирани и заболени лица кои треба да се хоспитализираат, затоа што последиците ќе бидат фатални за нашиот здравствен систем и за сите нас воопшто – појаснува Апостолов.
За ,,Фокус” вели дека апелите кои ги објавува, веќе не се ниту апели, туку аларми кои мора да бидат слушнати бидејќи државата се наоѓа во критична фаза. Како искусен здравствен работник, тврди дека единствено од однесувањето на луѓето во наредните недели и месеци, зависи исходот од оваа битка со која се соочува човештвото.
-Разберете веќе еднаш дека доколку падне белиот мантил, тогаш паѓаме како Држава, а докторите, медицинските сестри и сите вработени во здравствениот систем се пред се обични луѓе од крв и месо, никој од нас не е машина или апарат и не може да се издржи ваков наплив на пациенти, затоа што тоа е притисок и огромно оптоварување на капацитетите и ресурсите во јавното здравство! Треба сите од прв до последен во Државата да сфатиме дека земјата во моментов се наоѓа во критична фаза во борбата против Ковид-19 и самото однесување на луѓето во следните недели и месеци ќе биде клучно за тоа дали ќе не биде или не!- порача Апостолов.
Вики Клинчарова