Ивановска за „Фокус“ пред одлуката на Влада: Немаме конкретни докази дека Анѓушев се изземал од одлучувањето

by fokus

По повеќе од еден месец откако Антикорупциската комисија поведе постапка за вицепремиерот  Кочо Анѓушев  и утврди судир на интереси бидејќи тој учествувал во расправата на владината седница за намалување на акцизата за литиумски батерии, иако неговата фирма „Брако“ е единствената фабрика за производство на вакви акумулатори, сепак Владата одлучи да не поведе одговорност за него.

-Предлог-одлука за укинување на царинската стапка за електрични јон-литиумски акумулатори била повлечена од 29-тата седница на Владата на 26 септември и повторно била вратена на усвојување на 36-тата седница на 7 ноември, откако во меѓувреме заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори Кочо Анѓушев со писмен поднесок ја информирал владата дека се иззема од учеството за донесување на предлог-одлуката. Во образложението за оваа точка утврдено на оваа седница се истакнува дека членовите на Владата немаат неограничени овластувања и моќ и дека нивните поединечни овластувања се контролирани од Владата како колективен орган, согласно Уставот и Законот за Влада, и дека во овој случај не е утврдена повреда на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, поради што нема правен основ за поведување одговорност, се вели во владиното соопштение.

Претседателката на Аникорупциската комисија, Билјана Ивановска пред одлуката на Владата, во интервју за Фокус, рече дека од доказите што ги прибрале, утврдиле дека вицепремиерот не ги почитувал одредбите во Законот за спречување корупција и судир на интереси и дека немле конкретни докази дека Анѓушев се изземал од одлучувањето.

ФОКУС: Во едно свое гостување на телевизиска емисија премиерот Заев рече дека вашата препорака е беспредметна, а дека сте згрешиле тврдеше и Анѓушев.

ИВАНОВСКА: Во Законот за спречување корупција и судир на интереси се вели дека службеното лице е должно да внимава на потенцијален судир на интереси и да преземе мерки за негово одбегнување, како и мерки со кои ќе го спречи влијанието на неговиот приватен интерес. Службеното лице е должно да го пријави постоењето на приватниот интерес и да се изземе пред расправата и одлучувањето. Од доказите што ги прибравме од Генералниот секретаријат, утврдивме дека вицепремиерот не ги почитувал овие одредби и не се изземал од тој процес. Напротив, тој е потпишан на писмото испратено од неговиот кабинет до Министерството за економија, од кое утврдивме дека тој дава свое мислење за одлуката дека од аспект на економски политики нема забелешки. Од записникот за владината седница утврдивме дека тој учествувал на седницата, а од стенографските белешки утврдивме дека учествувал во расправата за донесување на одлуката.

ФОКУС: Дали гласал за одлуката?

ИВАНОВСКА: Немавме конкретни докази за тоа дали се изземал од гласањето за одлуката. Исто така, немавме ниту позитивен одговор од архивата на Министерството за економија и на Генералниот секретаријат на владата дека изјавата за судир на интереси е примена во архива со приемен штембил, со што се доведува во прашање и веродостојноста на неговата изјава.

Она што сакаме посебно да истакнеме е дека избраните и именуваните лица не смеат да си дозволат да влегуваат во состојба на судир на интереси додека ја вршат функцијата. Премиер, вицепремиер, министер, директор и други избрани и именувани лица никако не смеат да учествуваат во расправа и да преговараат за одлука од која ќе имаат приватен интерес.

ФОКУС: Вицепремиерот се правдаше  дека не учествувал во одлучувањето. Дали е тоа доволно?

ИВАНОВСКА: За тоа немаме конкретен доказ, но Законот предвидува изземање од комплетниот процес, вклучувајќи ја ѝ расправата, оти е многу несериозно, тој да учествува во целиот процес, а на крај кога треба да се одлучи, едноставно да си излезе. Тоа не е вистинско изземање. ДКСК стои на ставот дека не е почитуван Законот и затоа покренавме иницијатива за утврдување одговорност. Инаку тврдењето на премиерот дека Антикорупциска е против одлуката, воопшто не држи, бидејќи ние одлуката не ја коментиравме дали е добра или лоша, не држи ниту коментарот дека нашата одлука не е издржана поради најавеното повлекување на вицепремиерот, бидејќи ние утврдивме дали постоел судир на интереси или не.

ФОКУС: И покрај бизнисите на Анѓушев, за него досега се утврди само овој судир на интерес. Кој е ефектот сега и да побара премиерот одговорност, кога Анѓушев  на 3 јануари  веќе си оди на функцијата и доаѓа техничка влада?

ИВАНОВСКА: Веќе ја споменав пораката што треба да се пренесе во јавноста, а тоа е дека избраните и именуваните лица не смеат да си дозволат да влегуваат во состојба на судир на интереси додека ја вршат функцијата. Премиер, вицепремиер, министер, директор и други избрани и именувани лица никако не смеат да учествуваат во расправа и да преговараат за одлука од која ќе имаат приватен интерес. Ние не сме репресивен орган, некому да даваме казни, дури и казните што се предвидени со Законот се мали, симболични, во однос на штетата што може да настане. Меѓутоа, тука е јавното мислење што треба да го разбудиме, јавната свест кај граѓаните, но и совеста на носителите на јавните функции, тоа е нашата улога.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Поврзани новости