Актуелните антикорупционери поднеле над 50 иницијативи за кривично гонење, но обвинителството не донело јавнообвинителска одлука за ниту една иницијатива. По пет години поминати на чело на Државната комисија за спречување корупција, претседателката Билјана Ивановска, во интервју за „Фокус“, зборува за случаите што ги отворија за високи актуелни функционери, а кои заглавија во лавиринтот на институциите. Заеднички именител на корупцијата, според неа, е отсуството на интегритет, што потоа доведува до политички притисоци, неказнивост. Според неа, недостасува силен правосуден систем што ќе обезбеди казни.
Разговараше: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
ФОКУС: Дали имате точни податоци за колку од предметите што сте ги отвориле имало обвинение? Или евентуална судска разрешница?
ИВАНОВСКА: Ниту за една од нашите поднесени 53 иницијативи за кривично гонење, обвинителството нема донесено јавнообвинителска одлука. Но, ова не е случај само за доставените иницијативи на ДКСК во овој состав.
Имено од 2002 година, кога е основана Комисијата, до 2019 година, кога беше избран овој состав, од ДКСК до ЈО доставени се 153 иницијативи за кои нема донесено јавно обвинителска одлука. Исклучок е само случајот „Бачило“.
ФОКУС: До каде е случајот „Тендери во државна лотарија“, предмет кој е сега актуелен?
ИВАНОВСКА: Овој предмет го отворивме по сопствена иницијатива, по допрен глас од медиуми. Сметам дека ќе успееме до крајот на мандатот да го завршиме, имајќи предвид дека од досегашната работа имаме сознанија за каков вид воспоставени шеми станува збор.
ФОКУС: Освен овој случај, актуелни се предметите „Бехтел и Енка“ и „Реконструкција на салата „Борис Трајковски“ за ОБСЕ. Очекувате ли завршница за овие предмети?
ИВАНОВСКА: Интензивно се работи и на овие два предмети со кои де факто ќе го одбележиме и крајот на нашиот мандат.