Ивановска со забелешки за начинот на кој е избран Абази

by Фокус

Државната комисија за спречување на корупцијата има забелешки за начинот на кој се избираше првиот човек во Основното јавно обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, изјави денеска претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска, посочувајќи дека тоа што во јавноста излегоа фотографии на новиот шеф на Обвинителството, Ислам Абази со првите луѓе на ДУИ, остава простор да се верува дека „постоело некакво влијание“.

-Да се надеваме дека новиот шеф на Обвинителството ќе застане на патот на криминалот и корупцијата, меѓутоа секако имаме забелешки за начинот на кој се избираше. Отсекогаш се бараат некакви механизми за подобар избор, еве сега се даде шанса сите обвинители на демократски начин да гласаат и тоа е во ред. Од друга страна, по мене, се заборави на критериумите за квалитет на оценките што ги дава Советот на јавни обвинители и на Програмата за работа, а сето тоа се елементи што ќе дадеа појасна слика за кој човек се работи, каква позадина има во својот професионален дел од работата. Така сликата ќе ни беше поцелосна – изјави Ивановска.

Претседателката на ДКСК вели дека не можат да кажат дали некој им наметнал на обвинителите како да гласаат, меѓутоа, како што рече, во отсуство на некои од критериумите се остава простор да помислат дека постоело некакво влијание.

Поврзани новости