Заложбите на Државната комисија за спречување корупција не го даваат очекуваниот резултат, рече денеска претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска, на конференција „Избери го вистинскиот правец! Избери интегритет!“, со што се одбележа Меѓународниот ден посветен на борбата против корупцијата – 9 Декември.
Таа вели дека главната заложба на ДКСК е градење на силни институции, преку јакнење на личниот интегритет на службените лица, кои со своето законито, независно, непристрасно, етичко одговорно и транспарентно вршење на работните обврски, ќе се спротивстават на корупцијата.
Ивановскa додава дека се уште се високи ризиците од корупција што ги детектирале при подготовка на Националната стратегија во пред повеќе од две години.
-Тоа се силно политичко влијание, неказнивост, нетранспарентност и злоупотреба на дискреционите овластувања. Поради постоење на овие ризици не се целосно испочитувани препораките и укажувањата што ДКСК ги упатува кон останатите институции во системот – истакна претседателката на Комисијата.
Таа нагласи дека за ДКСК многу се индикативни и резултатите од последните истражувања од НВО, кои покажуваат дека корупцијата е најголем проблем за граѓаните, за разлика од претходните години кога на првите три места беа егзистенцијалните прашања.