Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска, ја одржа последната прес конференција, на која ги изнесе резултатите иактивностите на комисијата.
Таа кажа дека за време на петгодишниот мандат, комисијата оформила вкупно 2872 предмети, од кои 2788 биле по пријави од областа на спречување на корупцијата, а 84 предмети се оформени по сопствена иницијатива.
При тоа решени се 2451 предмети, а биле поднесени 59 иницијативи за утврдување одговорност на раководни и службени лица и 56 иницијативи за покренување постапка за крвично гонење. Ниту една иницијатива за кривично гонење не била процесуирана, изјави денеска претседателката на ДКСК Билјана Ивановска на брифинг со новинарите по повод завршување на мандатот.
-Од нашите иницијативи за кривично гонење доставени до јавните обвинителства досега нема ниту една јавно обвинителска одлука што стасала до суд, не само од овој состав туку од постоењето на оваа институција од 2002 година навака со исклучок на „Бачило“ изјави Ивановска.
Ако побрзо им биле исполнети условите потребни за нивната работа, би можеле многу повеќе да направат, нагласи Ивановска, укажувајќи на електронското поднесување на анкетните листови, кое стартуваше дури последната година од нивниот мандат.
Во однос на тоа дали во нивниот мандат се соочиле со притисоци или закани, таа вели дека не се соочиле со такви ситуации, но и дека нивниот јавно изнесен став бил своевидна брана за евентуални такви обиди. Според неа, притисоците биле јавни, како што се соопштенија од тројцата вицепремиери кои коментирале наоди на ДКСК, потоа настапот на ЈО кога кажа дека ја прекинува соработката. – Ние на сите тие јавни притисоци сме имале и јавни одговори, вели Ивановска.
На новинарско прашање во врска со злоупотребата на службени возила од страна на техничкиот премиер, Ивановска изјави дека три дена пред крај на мандат ништо нема да поднесат и очекува да реагираат од Кабинетот на Грковска од аспект на етичко однесување и злоупотреба на користење на службени возила.
-Системот треба да функционира и понатаму. Нашето е до тука. Повеќе пати сме укажале на злоупотреба на службени возила и службени простории. И досега биле предупредувани тие функционери, но резултат е тој, дека предупредувањата не се доволни. Треба да се има малку поригорозни мерки во тој дел. Причина за повторување на ваквото однесување е неказнивоста, дали сте виделе некој да бил казнет за злоупотреба на служебни возила. Ние дадовме предлог регистрациите на сите службени возила да бидат обоени во една боја и да бидат достапни на граѓаните да видат и да следат како се движат функционерите со службени возила, но од 2021 година овој предлог не се спроведува затоа што нема искрена волја да се спречат вакви злоупотреби“ нагласи Ивановска.
Таа изрази задоволство што за време на својот мандат се обезбедени потребните просторни услови и кадровскиот капацитет, зголемен е буџетот на институцијата, за што вели главна поддршка добивале од меѓународните организации.