Ивановска: Лекарската комора да побара одговорност од директорот на струшката болница, Асани

by Fokus

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска ја повика Лекарската комора да реагира и да побара одговорност од директорот на струшката болница Мухамед Асани.

Таа потенцира дека во ДКСК не се расправало за предметот околу постапувањето на докторот во струшката болница, заради тоа што ЈО отворило предмет за постапувањето докторот. Лекарската комора, вели Ивановска, е таа што треба да утврди дали има или нема одговорност кај докторот бидејќи, посочува, таа е телото што ги издава лиценците.

-Јас изреагирав со мој личен став, иако од вчерашниот разговор со моите колеги гледам дека се на исто мислење дека треба да се утврди одговорност за целиот процес. Мене навистина не ми е јасно како може некој да влезе во болница, да биде се во ред и да излезе без три органи. Ова како граѓанин си го поставувам како прашање. Кога ја добива лиценцата еден доктор, значи дека тој е одговорен, образован, професионалец и професионално ќе си ја заврши својата работа и дека на некој начин треба да ја гарантира безбедноста на пациентите на овој начин се губи довербата и во белите мантили. Она што можеби ние ќе го детектираме како случај во ДКСК е позицијата на господинот Асани како директор на клиниката, бидејќи за него се утврдило дека има ординација која работи на диво. Кој може да гарантира дека тој не ги пренасочува пациентите од својата дива ординација, рече Ивановска во Утрински брифинг додавајќи дека од тој аспект ДКСК треба да ја доведе во прашање неговата одговорност и оти само тој дел е во нивна надлежност.

Таа потсети дека за претседателката на Лекарската комора веќе имало Одлука на ДКСК дека има конфликт на интереси, бидејќи истовремено е и директор, но оти никој не презема ништо по таа одлука.

-Кога се подготвувал законот за спречување на корупција и судир на интереси се раководело од европските стандарди, кои, меѓу другото претпоставуваат и почитување на законските одредби. Јас не знам што треба ние да направиме и како да и објасниме на претседателката на Лекарската комора таа е во судир на интереси кога таа истовремено е и директорка. Тоа и го објаснивме и во разговор, и беше испратена и одлука. Нашите алатки се доттука. Ние немаме повеќе што да кажеме, вели Ивановска.

Поврзани новости