Билјана Ивановска – претседателката на Антикорупциската комисија пред истекот на мандатот на овој состав на ДКСК вели дека е задоволна од сработеното и покрај условите во кои работеле и ресурсите со кои располагале. Таа рече, со „сите суптилни препреки со коишто се соочувале“, завршиле околу 5.500 предмети.
На новинарско прашање за впечаток за мандатот што го завршува, таа изјави дека овој состав на ДКСК не работел од нулта, туку „од минус и неколку позиции под нула“, ако се земат предвид оценките што претходно за оваа институција ги давала Европската комисија.
– Сме правеле анализа за 10-ина години наназад. Значи, до 2019 година навистина беа негативни оценките. Успеавме сето тоа да го поправиме иако половина мандат имавме непроменети услови за работа, како просторни, така и материјално-технички, човечки ресурси. Сепак, низ рацете на ДКСК поминаа бројни предмети, некаде околу пет и пол илјади предмети поминаа и се завршија, дадовме повеќе иницијативи во Јавното обвинителство – изјави Ивановска.
Вели дека „црешата на шлагот“ ќе бидат големите предмети што се однесуваат на „Бехтел и Енка“ и Лотарија.