Ивановска: Дали тоа што ни даваат осум вработувања по Рамковен, ние треба да ја менуваме систематизацијата?

by Fokus

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска во гостување на „Утрински брифинг“ го критикуваше трансферот на административците вработени по Рамковен договор, бидејќи вели на овој начин не се земаат предвид потребите на институциите.

„Политичките одлуки, не само оваа, туку одлуките во континуитет поврзани со тоа прашање, само го дерогираат системот. На почетокот Владата во 2006 или 2007 година има формирано Комитет на министри коишто треба да соберат податоци за тоа какви се потребите на институциите и тогашниот вицепремиер да добие податоци од самите институции. Тие тоа воопшто не го земаат во предвид и започнуваат со вработување. Значи ни тогаш ни денеска не се тргнува од потребите, нема анализа, не е земена во предвид“, истакна таа.

Претседателката рече дека ДКСК добила осум вработени, кои се планирани за места на помлади соработници, но антикорупциската комисија вели, планирала да вработи виши советници. Ако сакаме здрав систем треба да ставиме здрави темели, вели Ивановска.

„Не се земаат во предвид потребите. Груби вели дека ги земале во предвид  систематизацијата и плановите за вработување. Ние таму сме кажале дека ќе имаме осум нови вработувања и тие ни даваат осум по Рамковен. И што значи тоа? Ние ќе ја менуваме систематизацијата? Од друга страна, нашата систематизација е димензионирана максимално колку што може. Тие се помлади соработници, а ние сме предвиделе работни места за виши советници. Можело да се најде решение, во овој период можеле да бидат обучувани тие луѓе. Од 2007 година до сега, колку вкупно вработувања има во државна администрација? Зошто при секое вработување не се земала во предвид таа програма за вработување и досега да беа ставени во системот? Дали со решавање на проблемот не предизвикуваме други проблеми?“, вели Ивановска.

Поврзани новости