Билјана Ивановска, претседателката на претходниот состав на Државната комисија за спречување на корупција, побара од членот Цвета Ристовска да си поднесе оставка. Таа го работеше случајот со дипломата на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, по што беше објавено дека Ристовска соработувала со факултеот од каде што шефот на тајната полиција има диплома.
ДКСК тврдеше дека Ристовска не е дел од наставниот кадар на приватниот Универзитет за туризам и менаџмент „Скопје“, но дека сепак имала соработка на ниво на гостин-предавач.
– Апсолутно да, тоа не смеело да се дозволи. Требало да биде изземена веднаш, затоа што имала деловни односи со факултетот, без оглед дали е паричен надомест или не. Штом веќе имала деловен однос, тоа претставува ризик за одлучување. Следниот ден беше избришана од наставниот кадар на веб-страната на факултеот, па додадена и ова пиши-бриши ја повредува интелигенцијата на граѓаните, рече Ивановска, која додаде дека во нејзино време членовите веднаш би се изземале самите себеси при ваква ситуација.
За Ивановска се сомнителни и другите аспекти од одлуката на „Антикорупциска“ да се изземе од другите спорни моменти при изборот на Христовски.
– Сертификатот за англиски јазик е прогласен за валиден додека не се докаже спротивното, а спротивното е веќе докажано. За дипломата на факултетот, инспекторот кажал дека е во ред – не може само да се основате на работата на инспекторот, треба да се направи и свое истражување за поткрепување.
За работното искуство, не разбра јавноста каде и колку работел. За безбедносниот сертификат – неговите подредени во моментов (во АНБ) не може да кажат не. Не знам дека некој таков случај кој добил за 10 дена безбедносен сертификат. За тоа е најмалку потребно половина година.
Овој член да си даде оставка и да биде разрешен од Собранието. Оваа цела работа треба да ја преиспита Обвинителство според мене, додаде Ивановска.