Иванови на гости во Австралија: Иван го вееше знамето со сонцето од Кутлеш, Ѓорѓе играше

by fokus

Поранешниот претседател Ѓорге Иванов заедно со сопругата Маја и синот Иван беше во посета на Австралија на покана на Македонската добротворна организација од Австралија (MCWA).

Тој учествуваше на повеќе настани и средби со наши иселеници во Сиднеј, Мелбурн и Волонгонг. Неговата австралиска турнеја започна на 22-ри февруари со гала вечерта организирана од страна на MCWA во „Plenty ranges Arts and Convention Centre”, а настанот остана запаметен по случката со евакуацијата, односно додека Иванов држеше говор, се вклучија безбедносните аларми, по што целата сала беше евакуирана.

Пред неколку дена пак, во општината Беј Сајд, Иванови биле гости на свечен бал, организиран од страна на „Сиднеј Македонија”. Балот имал хуманитарен карактер и сите собрани средства оделе во добротворна цел, за набавка на автобус за постари лица во заедницата. Голем број на наши иселеници кои биле гости на балот, деновиве споделуваат видеа од настанот, на кој се гледа расположениот Иванов како игра оро. Додека музичарите го поздравуваа Иванов со песните „Едно име имаме” и „Каде сте Македончиња”, тој и неговиот син Иван го водеа орото, а пак Маја ги снимаше со мобилниот телефон.

Во еден момент еден од расположените гости му пријде на синот на Иванов и му го подаде знамето со сонцето од Кутлеш, по што тој го продолжи играњето веејќи го знамето. Посетата на Австралија на Иванови заврши на први март, а организаторите му изразија јавна благодарност бидејќи прифатил да биде гостин и покровител на хуманитарните настани. Во 2017 година, додека беше претседател на Македонија, кон крајот на месец март, Иванов требаше да оди во посета на Австралија и да оствари средби со генералниот гувернер, премиерот, спикерот, претседателот на Австралискиот Сенат, со претставници на македонско-австралиската група на пријателство во Парламентот на Австралија, како и со претставници на македонската заедница во Австралија.

До посетата не дојде, бидејќи Иванов тогаш решил да ја одложи поради политичката состојба во земјава, но и поради тензиите меѓу ЕУ и Турција за прекин на договорот за мигрантите. Разочараната дијаспора на социјалните мрежи посветени на иселениците во Австралија тогаш пишуваа дека многу се изнаслушале за него, многу од нив и гласале за него, но никако не успевале да го видат.

Откако му заврши претседателскиот мандат, Иванов не е актуелен во јавноста и гостувањата и говорите во Австралија беа еден вид на негови први јавни појавувања. Инаку, тој користи два стана како свои канцеларии во една од кулите на Џевахир Холдинг во Скопје.

В.К.

Поврзани новости