Генералната секретарка на Собранието на Република Северна Македонија, Цветанка Иванова, го отфрла како неточен и целосно неоснован обидот на пратеникот Антонио Милошоски да ја обвини за политички интервенции во работата на Собранието, велат од кабинетот на Иванова откако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, обвини денеска дека дописот со кој се отфрла барањето на партијата за формирање анкетна комисија за СЈО го напишала Иванова, а го потпишал претседателот на Собранието, Талат Џафери.
„Со политички манипулации, несоодветни алузии и без никакви докази, пратеникот Антонио Милошоски на денешната прес-конференција го стави името на г-ѓа Иванова во политички контекст кој не е и не може да се доведе во никаква корелација согласно позицијата што ја врши во Собранието на Република Северна Македонија.
Согласно Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, генералниот секретар на Собранието ги извршува работите што ќе му ги довери претседателот на Собранието, му помага во подготовките и организирањето на седниците на Собранието и врши други работи утврдени со Деловникот.
Генералниот секретар ја организира и усогласува работата на Службата на Собранието и донесува правилници, упатства и други акти за работа на Службата.
Од тие причини, г-ѓа Иванова ги осудува сите обиди за какви било политички игри кои ја вклучуваат неа и собраниските служби“, соопштија од кабинетот на Иванова.