Да го оставиме судот да го каже последниот збор. Постои истрага во Обвинителството, се води судски случај, кој ќе има правна завршница и ќе веруваме на тоа што врз основа на факти и аргументи е докажано, а не на тоа што се базира на шпекулации и кампања, рече претседателот Ѓорѓе Иванов кој вечерва гостува во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма.
Тој потврди дека и неговиот кабинет бил прислушуван.
-Се отвора прашањето кој дал налог и сето тоа го организирал и за чии потреби. Судот ќе ги каже фактите и аргументите. Да бидеме трпеливи, вели Иванов.
Претседателот смета дека за состојбите во судството е одговорно самото судство, а за состојбата со медиумите, самите медиуми. Што се однесува до тоа дека довербата на граѓаните во судството е разнишана, Иванов вели дека кај нас има поделба на власта, а тој ниту се мешал, ниту коментирал, ниту побарал било што од судската власт.