Иванов: Софија треба да го смени начинот на размислување во однос на Скопје

by Fokus

Софија треба ја смени својата позиција и начинот на размислување во однос на Скопје, смета бугарскиот универзитетски професор Михаил Иванов, кој беше советник за етнички и религиозни прашања на поранешниот претседател Жељу Желев во чиј мандат Бугарија ја призна Македонија како држава.

Иванов во изјава за Бугарското национално радио вели дека се прави обид визијата на одредена група историчари да се наметне како политичка позиција.

– Тоа не е коректно и не правилниот пат. Голем број истакнати бугарски историчари не размислуваат како историчарите во заедничката комисија утврдена со Договорот за добрососедство. Во меморандумот за објаснување, кој беше пренесен главно преку странски медиуми, се вели дека Северна Македонија мора да се раздели со тоталитарното минато на Југославија. Но, исто така, мора и ние да се разделиме со нашето тоталитарно минато, со нашиот начин на размислување. Треба да се направи детална анализа на ситуацијата. Не би сакал тоа што се прави да биде на штета на бугарскиот дух, култура и меморија, изјави Иванов, кој е дел од групата бугарски интелектуалци и научници кои неодамна со заедничко писмо се спротивставија на официјалната позиција на Бугарија во однос на историјата и на ставовите за С.Македонија содржани во меморандумот испратен до членките на ЕУ со кои се оспорува македонскиот јазик и идентитет..

Според него, бугарските историчари од комисијата не прават разлика меѓу етничка и граѓанска нација, исто така, и меѓу етничка и политичка нација.

– Да видиме како е тоа во нашето минато. Чиј е Гоце Делчев? По националност е Бугарин, припаѓа на бугарската историја, бил офицер и се сметал себеси за Бугарин. Како Бугарин има своја политичка активност. Но, гледаме како во тоа време постепено се појавува македонски политички идентитет. Неопходно е детално да се каже кои се факторите. Главниот фактор е разочарувањето од бугарската официјална политика. Знаеме за братоубиствените војни, кои официјалната Бугарија ги инспирираше во Македонија. Тој почна да работи за обединета, независна, обединета Македонија. Во тоа време се зборувало за автономија како начин за пристапување кон Бугарија. Една голема група револуционери се разочарани од политиките на балканските влади и почнуваат да размислуваат за независно политичко постоење. Ние мора да инсистираме дека Гоце Делчев носи бугарски етнички идентитет, но мора да признаеме дека во политичкиот развој, за раѓањето на политичката нација во Македонија, тој има свој придонес, вели Иванов.

Неделава во Скопје, по повеќемесечна пауза, треба да се состане заедничката комисија за историски прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија. На крајот на месецот, пак, се очекува посета на премиерот Зоран Заев на Софија и средба со неговиот бугарски колега Бојко Борисов, по што треба да се разјнсни позицијата на Бугарија по заканите дека може да го блокира стартот на преговорите за пристапување на С.Македонија во ЕУ ако не бидат надминати неодразбирањата околу историските прашања.

Поврзани новости