Иванов прво во Азербејџан, па во Русија.

by Фокус

Претседателот Иванов, од денеска (28 април 2015 година, вторник) ќе престојува во работна посета на Република Азербејџан, соопшти неговиот кабинет.

Предвидено е Иванов да има билатерална средба со претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев, а ќе учествува и на 3. Глобален форум во Баку „Градење доверба во новиот светски поредок“.

На 3. Глобален форум во Баку, што е во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“, Мадридскиот клуб и Азербејџанскиот државен комитет за работа со дијаспора, предвидено е претседателот Иванов да се обрати на сесијата на отворањето на форумот, заедно со претседателот на Република Азербејџан, Илхам Алијев, претседателот на Република Бугарија, Росен Плевнелиев, премиерот на Малта, г. Џозеф Мускат, а предвидени се и пораки од канцеларот на Сојузна Република Германија, г-ѓа Ангела Меркел и британскиот премиер, Дејвид Камерон.

За време на престојот во Баку, Иванов ќе се обрати и на Меѓународната конференција за човечки развој, во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“ и Светската Академија за уметност и науки, а предвидено е да биде потпишан и меморандум за разбирање меѓу Школата за млади лидери на претседателот Иванов и Меѓународниот центар „Низами Ганџави“.

Во рамки на работната посета наАзербејџан ќе биде организиран бизнис форум, на кој ќе бидат презентирани потенцијалите на Република Македонија и поволностите за странски инвестиции, на кој ќе се обрати претседателот Иванов.

Во фокусот на 3. Глобален форум во Баку е градењето доверба во новиот светски поредок.  Најавено е учество на над 100 претставници од околу 60 земји во светот и десетици меѓународни организации, како и голем број поранешни претседатели и премиери од целиот свет.

Во мај, Иванов ќе престојува и во Русија во рамки на прославата на годишнината од победата над фашизмот.

Поврзани новости