Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во рамки на официјалната посета на Република Турција, денеска во Анкара одржа предавање на тема „Предизвици на високото образование во третиот милениум“ пред членовите на Советот за високо образование на Република Турција и ректорите од сите државни и приватни универзитети на Република Турција.
Како што соопшти кабинетот на претседателот, Иванов во своето предавање се осврна на историските промени во процесот на образованието, притоа правејќи паралела меѓу милет системот и македонскиот модел на интеграција без асимилација, како и за важноста на почитувањето наместо толерирањето на различностите.
– Еден куриозитет со кој се гордееме – првата телевизиска програма на турски јазик се емитувала на македонската телевизија во Скопје 1967 година. Турската држава својата телевизија ја формира 1969 година. Две години во етерот одела слика и збор на турски јазик од Македонија. Првиот професионален театар на турски јазик, надвор од Турција, е во Македонија, кој набрзо ќе слави 70 години постоење. Тоа укажува дека другиот не треба да го толерирате, туку треба да го почитувате. Затоа, оваа филозофија е она што нуди решенија за состојбите и на блискиот исток и на Кавказ. Кога ќе го почитувате другиот, можете да очекувате и тој вас да ве почитува. Ако го толерирате, тој ќе знае дека не го сакате, дека само го трпите – рече претседателот Иванов во предавањето пред турската академска заедница.
Иванов зборуваше и за тоа какво образование им е потребно и е најсоодветно за новите генерации. Тој посочи дека на Македонија и на Турција им се потребни универзитети што ќе им помогнат на младите да ги достигнат своите потенцијали и да се остварат во 21 век. Според него, дигиталната трансформација на универзитетите создава услови за персонализирани студиски програми, кои преку технолошките паркови овозможуваат да се создаваат кадри за четвртата индустриска револуција.