На свеченоста за одбележување на Денот на армијата на Република Македонија, се обратија претседателот Ѓорѓе Иванов и министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Претседателот се пожали дека Владата без негова дозвола ја ангажирала армијата и не се поздрави ниту со министерката, ниту со екс министерот за одбрана и актуелен претседател на Собранието, Талат Џафери.
Иванов порача дека ги знае условите на војниците и побара 2% од буџетот да биде за одбраната.
Министерката Шекеринска истакна дека патот кон формирањето Армија во изминатите 25 години бил исполнет со бројни предизвици за кои, како што рече, најголемиот дел од припадниците на АРМ го знаат многу подобро и од неа и од многу претходни и идни министри.
-На тој пат учевме од нашето искуство и традиција од нашите пријатели и сојузници и партнерски настапуваме во справување со регионалните и глобалните безбедносни предизвици. Денеска АРМ рамноправно учествува во меѓународни мировни мисии и добива највисоки оценки за подготвеност. Армијата на своите плеќи ја носи одговорноста за нашата безбедност, а ризиците и на светската и домашната сцена драстично се менуваат, рече Шекеринска.