Претседателот Ѓорге Иванов имал намера на 27 април да прогласи вонредна воена состојба, но тоа не го сторил под притисок на странски фактор, рече обвинетиот Александар Василевски-Нинџа, повикувајќи се на информации кои ги добил од Горан Грујевски.
На критичниот ден Нинџа ги следел настаните од пред Собранието. На денешното рочиште тој во детали раскажа се што видел и слушнал тој ден, при тоа разоткривајќи ги имињата на оние кои ги давале наредбите.
Нинџа рече дека 80 отсто од демонстрантите биле членови на ВМРО-ДПМНЕ, а само 20 отсто повозрасни граѓани дошле спонтано на протестите.
-Реквизитите, шаловите, знамињата, се тоа беше обезбедувано од штабот на ВМРО ДПМНЕ. Водачите на овие протести ги гледавме во штабот на партијата и кај тогашниот генерален секретар, познат како благајникот, Кирил Божиновски. Околу 15 април ситуацијата почна да зоврива. Ни беше врежано во свеста дека некој сака да го загрози уставниот поредок. Реториката на водачите беше потпалувачка – рече тој.
Според неговиот исказ, на 27 април му се јавил Владимир Атанасовски и му рекол да биде во Скопје бидејќи имало оперативни сознанија дека се спрема нешто во Собранието. Во 16:00 часот Атанасовски повторно му се јавил и му рекол дека СДСМ сакаат да бираат претседател во Собранието. Во штабот пак го викнал Спиро Ристовски, кого го нарече организационен секретар.
Таму Василевски видел кој ги дава командите за упадот. Нинџа призна дека во периодот пред упадот бил во координација со останатите обвинети. Сите редовно се среќавале со кафулето Дион. Како што рече тој, по иницијатива на Атанасовски, некое време претходно се запознал со Јане Ченто и со Игор Југ, односно дека Атанасовски ги поврзал.
М.В.