Во вчерашниот свој говор на свечената академија во Македонскиот народен театар по повод Денот на независноста, претседателот Ѓорѓе Иванов истакна дека на изборите на 11 декември не е важно кој ќе освои најмногу гласови и кој ќе владее до следните избори.
-Најважно од сè е она што ќе следи по изборите, по 11 декември. Изгубивме многу скапоцено време. Овие избори се шанса да ја завршиме оваа горка страница исполнета со неизвесност и да свртиме нова страница. Новата влада ќе има голема задача, на повеќе полиња. Во услови на блокирани европски и евроатлантски интеграции, неопходно е Македонија да направи стратегиско свртување кон внатре. Што значи тоа? Ако Европската Унија нема волја да ги започне преговорите за членство и да ги отвори поглавјата за Македонија, тогаш ние самите треба да си ги отвориме 34. поглавја, и ние самите треба да си ги исполниме критериумите за членство во Унијата, рече Иванов.
Иванов рече и дека е неоходно да се зацврстат институциите, но и да се реформира судството, како и образованието и да се унапреди економијата.