Претседателот на државата Ѓорѓе Иванов со сопругата Маја и синот Иван синоќа беше во Кавадарци. Заедно со градоначалникот Митко Јанчев и неговото семејство, тие ја дочекаат веста за Христовото воскресение во храмот ,,Света Петка Преподобна’’.
-Претседателот изрази желба за овој значаен празник заедно со семејството да биде помеѓу народот. Заедно бевме во храмот во околу 23 часот, ги проследивме сите обичаи, Свечената Воскресна литургија, вртењето околу храмот, кршењето на јајцата… Иванови си заминаа од Кавадарци еден час по полноќ, имавме семејна дружба и упативме желби за здравје, мир, љубов кон ближните, како што е ред на овој голем христијански празник – ни изјави во телефонски разговор Јанчев.
Иванов пред три години присуствуваше и на осветувањето на црквата ,,Света Петка Преподобна’’ во Кавадарци, во друштво на сопругата Маја и поранешните министри Зоран Ставрески и Елизабета Канческа – Милевска. Тогаш порача дека храмот е прекрасен и како се надева дека верниците од Кавадарци и околината ќе ја негуваат вербата во Бога и ќе учествуваат на сите настани кои се одбележуваат во црквата.
Вики Клинчарова