Иванов на Евроазискиот самит: Протестите се израз на криза на лидерството насекаде во светот

by fokus

Протестите се израз на криза на лидерството насекаде во светот. Ова го потврдуваат и статистиките, истакнал денеска претседателот Ѓорге Иванов во обраќање на претседателската сесија на 22. Евроазски економски самит, што се одржува во Истанбул.

На претседателската сесија  се дебатираше на темата „Популизам: оживување на нови концепти во светот поради слабеење на либералната демократија. Дали популизмот и расизмот се причина за почеток на нови конфликти?“

– Иванов говореше за суштината, мотивите, но и целите на популизмот кој денеска е се поприсутен, а притоа се осврна на жолтите елеци во Франција и посочи на актуелните состојби во Британија, Венецуела, Германија, соопшти Кабинетот на претседателот.

– Луѓето кои ги гледаме како протестираат по улиците и плоштадите не се некоја точно одредена категорија на граѓани, туку луѓе од сите слоеви на општествата на кои глобалистичките елити со своите политики им ја одзедоа иднината, а на многумина им ги уништија и животите, рекол Иванов.

Претседателот говорел за улогата на владеачката елита и потребата од стабилна власт.

– Таквата стабилна власт никогаш својата сила не ја црпи од силата и репресијата, туку од авторитетот и почитувањето на јавното мислење, односно волјата на граѓаните. Да се владее не значи да се украде или да се преземе моќта, туку мирно да се спроведува. Станува збор за вистински бунт на граѓаните против авторитетот на националните, но и европските институции, кои во името на неолибералната агенда и голиот профит ја претворија европската средна класа во прекаријат без иднина, посочил претседателот.

Глобалните елити, смета Иванов, особено ги загрижува трендот кога довчерашните демократи по освојувањето на власта ги загрозуваат основите на демократијата.

– Очигледно е дека на западниот свет му е потребен нов идеал. Идеал што ќе ги комбинира економската динамика, индивидуалните слободи и рамнотежата во општеството. Тоа е идеалот за пристојно општество втемелено врз почитување на меѓусебните права и договори во кое секоја страна ќе знае кои се нејзините права и кои се нејзините обврски. Тоа е идеал за општество во кое договореното нема да може да биде променето од некој политичар или од владата, односно, во кое општествените договори нема да се прекршуваат, порачал Иванов.

Во рамки на работната посета на Република Турција, претседателот Иванов ќе одржи предавање на Фондацијата за образование, култура и заштита на животната средина „Црно море“

Поврзани новости