Третото читање на Законот за употреба на јазиците во Собранието е закажано за 29-ти јануари, откако претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов, одлучи да не го потпише Указот и да го врати Законот во собраниска процедура.
Забелешките на претседателот се наведени на 14 страници доставени до Собранието. Во нив Иванов посочува дека одредбите не се во согласност со Уставот и со Охридскиот рамковен договор. Најпрво го оспорува името на Законот затоа што, како што вели, не води сметка за постоењето на Законот за употреба на македонскиот јазик.
Според Иванов, дел од одредбите се дискриминаторски кон останатите етнички заедници.
Претседателот смета дека е дискриминаторска одредбата која предвидува на книжните, кованите пари и поштенските марки да има симболи од културното наследство на Албанците, а двојазичност да има на поштенските марки, бадеролите и уплатниците.
„Ставовите 1 и 2 од овој член се во спротивност со обврската на Републиката да им ја гарантира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет ан сите заедници и им го огрнаичува правото на припадниците на помалите етнички заедници да ги употребуваат симболите на својата заедница на книжните и кованите пари и поштенските марки. Вакви решенија можат да се сметаат за дискриминаторски по основ на национално потекло што е во спротивност со член 54 став 3 од Уставот на Република Македонија“, стои во забелешките.
Иванов не ја оспорува уставноста на ставот 3 од овој член кој предвидува двојазичнот на униформите на полицијата, здравствените работници и пожарникарите во Скопје и општините со над 20 отсто Албанци.