Претседателот Ѓорге Иванов за време на неговата официјална посета на Република Турција денеска во Анкара се сретна со турскиот премиер, Бинали Јилдирим, и со претседателот на Големото национално собрание на Република Турција, Исмаил Караман.
Како што информираат од кабинетот на Иванов, на средбите биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Турција, при што било оценето дека двете земји негуваат традиционално пријателски односи, со интензивни контакти на високо и на највисоко ниво.
Во контекст на евро-атлантските аспирации на Република Македонија, претседателот Иванов изразил благодарност за досегашната принципиелна поддршка од Република Турција за членство на Република Македонија во НАТО и изразил очекување таа да продолжи.