Иванов купува два стана на Водно

by fokus

Претседателот на државата во заминување, Ѓорге Иванов, купил два стана на Водно, кои во Катастарот се запишани на име на неговиот син. Во катастарската документација, до која дојде Телевизија 24, со барање за слободен пристап до инфромации од јавен карактер, стои дека за двата стана постои преддоговор за купородажба, зашто зградата е се уште во градба. Телевизија 24 беше на местото каде за неколку месеци ќе се вселат Иванови. Зградата се уште не е официјално завршена. Мајсторите ги финишираат поправките и според проектот, таа ќе биде пуштена за вселување за еден месец.

Едниот од двата стана на Иванов е со површина од 131 метар квадратен и се наоѓа на вториот кат од новата зграда на  улицата Салвадор Аљенде. Вториот стан е во истата зграда, но најгоре, мансарда со површина од 91 метар квадратен. Мансардата е на две нивоа, со големи стаклени ѕидови од каде се гледа целиот град. Покрај двата стана, во сопственост на синот на претседателот е и гаража од 23 метри квадратни. Дел од соседите велат дека новите станови редовно доаѓале да ги видат првата дама и нејзиониот син. Претседателот поретко. Но него често пати го забележувале како ја набљудува зградата заедно со неговото обезбедување од спротивниот рид, каде што практично завршува и дворот на претседателската палата.

Од кабинетот на Иванов велат дека претседателот купил само еден стан, но не го пријавил зашто се уште не го исплатил и нема имотен лист.

-Сите пријавени средства во анкетниот лист за имотната состојба на претседателот Иванов по стапувањето на фукцијата претседател се употребени како уплата за купување на еден стан за кој дополнително е земен и кредит. Станот се уште не е исплатен и не е во сопственост на семејството Иванови и поради тоа не може да биде пријавен во анкетниот лист. Кога станот ќе стане нивна сопственост, тогаш и ќе биде пријавен во анкетниот лист за имотната состојба, велат од кабинетот на Иванов.

Познавачите за ТВ 24 велат дека со оглед на пазарната цена, каврадртурата и локацијата на становите , нивната вредност може да намине и 250 илјади евра. Во овој дел од градот, цена на кавдратен метар изнесува повеќе од 1 200 евра.

Поврзани новости