Ѓорге Иванов денеска се сретна со заменик-министерот за надворешни работи на Народна Република Кина, Ванг Чао.
Од Кабинетот на Иванов информираат дека двајцата соговорници го поздравија интензивирањето на политичкиот дијалог и зголемената динамика на средби на високо ниво, како и позитивниот развој на севкупната билатерална соработка меѓу Република Македонија и НР Кина.
– Јакнењето и унапредувањето на искреното партнерство со Кина е трајна определба на нашата надворешна политика, истакнал претседателот Иванов, изразувајќи особено задоволство од процесот на соработка меѓу НР Кина и земјите на Централноисточна Европа 16+1 и конкретните иницијативи и активности кои произлегуваат од овој процес.
Македонскиот претседател изразил поддршка за глобалниот кинески проект – „Патот на свилата“ и иницијативата „Еден појас, еден пат“, посочувајќи дека оваа иницијатива отвора сериозни перспективи за нови трговски патишта и зголемени инвестиции, како и нова димензија во односите и економската соработка со НР Кина. Во таа насока, претседателот Иванов го реафирмирал интересот за натамошно вклучување на Република Македонија во инфраструктурните проекти кои произлегуваат од овој процес.
Заменик-министерот за надворешни работи Ванг Чао ја пренел поканата од кинескиот претседател Си Џипинг за посета на претседателот Иванов на Народна Република Кина по повод 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.