Ако ЕУ не ни ја обезбеди иднината, тогаш ние ќе се занимаваме со минатото, рече претседателот Ѓорге Иванов на прес-конференцијата по состанокот на лидерите на земјите во Процесот Брдо-Бриони.
Оценувајќи дека врвните стратегиски цели на Република Македонија се членството во НАТО и во Европската Унија, Иванов рече дека долго време политиката на проширувањето потфрлуваше во случајот со Република Македонија не поради принципите и критериумите на Унијата, туку поради непочитувањето на тие принципи и критериуми од страна на една земја членка.
– Како Претседател на Република Македонија ја повикувам Унијата да овозможи паралелно движење на преговорите за членство и надминување на билатералната разлика меѓу Македонија и Грција, изјави Иванов.
Додаде дека по самата своја природа, проширувањето е политичко, а не само техничко прашање.
– Конечниот збор го има Европскиот совет, а не Европската комисија. А политичкото прашање не може да се реши само со технички пристап и бара храброст, одлучност и креативност од Унијата. Нема подобар пример за тоа од Словенија и Хрватска кои со помош на Европската Унија, успеаја да најдат начин за паралелни преговори. Благодарение на таквиот европски пристап, денес Словенија и Хрватска се лидери на Процесот Брдо-Бриони, изјави Иванов.
Истакнувајќи дека најважното нешто што ги поврзува земјите од регионот е желбата за членство во Е, Иванов рече дека очекува Унијата да не ни дава празни ветувања бидејќи, „членството во Унијата за нас не е празен идеал“.