Тече рокот од пет дена за поднесување барања за амнестија. Оние кои се товарат за настаните од 27 април имаат рок од пет дена од објавувањето на Законот во Службен весник да побараат амнестија, доколку сметаат дека ги исполнуваат пропишаните законски услови. Тие ќе мораат сами да побараат амнестија, а Судот и Обвинителството ќе треба исто така во рок од пет дена за одговорат кој ќе биде помилуван, а кој не.
Согласно Законот, амнестијата нема да ги опфати организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања.
Сепак, тоа не значи дека тие ќе издржуваат затворска казна доколку бидат осудени за насилство во Собранието на 27 април. Меѓу нив се тогашниот шеф на БЈБ, Митко Чавков, тогашниот прв човек на УБК, Владимир Атанасовски, како и други лица вработени во МВР. Меѓу нив се и лицата кои носеле фантомки, како и Игор Југ, Јане Ченто и Александар Василевски Нинџа.
Согласно донесениот Закон тие ќе бидат исклучени од амнестијата, но постои уште еден правен механизам кој може да ги спаси од одговорност. Претседателот, Ѓорге Иванов, и претходно го искористил своето право да помилува кога во прашање биле високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Така беше во 2016 година кога Иванов аболираше 57 лице, меѓу кои и високи функционери за кои СЈО имаше отворено постапки.
Иако Иванов потоа ги повлече одлуките за аболиција, сепак правниот систем во Грција ја уважи оваа одлука на претседателот кога одлучуваше за екстрадиција на обвинетите поранешни разузнавачи, Горан Грујевски и Никола Бошковски.
Од Комисијата за помилување на претседателот за „Фокус“ велат дека Иванов има дискреционо право да одлучи кого ќе помилува. Доволна е само неговата одлука.
Ова право на Иванов му следува согласно членот 11 од Законот за помилување:
„Претседателот на Републиката по исклучок може да дава помилување и без
спроведување на постапка за помилување пропишана со овој закон кога е тоа од
интерес за Републиката, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и
на кривичното дело укажуваат дека е тоа оправдано“, стои во членот.
На ова предупредуваат и од Демократскиот сојуз на Павле Трајанов.
„Поради предвременото донесување на законот за амнестија, тешко ќе се откријат сите инволвирани во крвавиот четврток и обидот за државен удар, а селективната правда дополнително ќе го охрабри Ѓорге Иванов, да донесе одлука за аболиција на организаторите и насилниците“, соопштија од партијата.
Демократскиот сојуз сугерираше прво да се заврши судскиот процес, а потоа да се разгледа можноста за амнестија, со тоа што законот за амнестија да стапи во сила едновремено со изгласувањето на уставните промени.
Сепак, членот 11 беше оспорен од најистакнатите правници во Македонија. Професорот Светомир Шкариќ тврдеше дека членот е ништовен затоа што еднаш веќе со одлука на Собранието бил избришан, а никогаш повторно не бил изгласан од парламентарниот дом.
По измените во Законот за помилување во 2009 година беше избришан член 11 и ова му оневозможи на Претседателот без судска процедура да може да помилува. Во март 2016 година Уставниот суд донесе одлука овие измени да се поништат и да се врати стариот закон, имено и член 11 на законот за помилување од 1993 година. Но според Шкариќ, Уставнот суд нема моќ да врати на сила веќе избришан член, туку тоа го може само Собранието.
Така да имајќи ги предвид изјавите од членови на Комисијата за помилување, Иванов може да ја примени одредбата, но останува на судот да одлучи дали ќе ја прифати или не неговата одлука.
Инаку, шефот на државата завчера го потпиша Законот за амнестија, а тој веднаш беше објавен во Службен весник.
За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.
На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.