Иванов: Авторите на Договорот немаат елементарно познавање од балканската историја

by fokus

Пред еден милениум Самуиловата држава се соочувала со слични предизвици како и современата македонска држава – Република Македонија. Тие предизвици се негирање, непризнавање, обиди за блокада, изолација, погрешно именување. Од нас зависи дали ќе ја зачуваме академската слобода, или на идните генерации во наследство ќе им оставиме цензурирана и фалсификувана историја, порача претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој денеска во Охрид се обрати на свеченото отворање на Првата национална конференција за византологија и медиевистика „Самуиловата држава – 1.000 години потоа (1018-2018)“.

Според претседателот Иванов, АСНОМ-ска Македонија е фиданка што изникна од коренот од кој изникнала и Самуиловата држава.

„Како фиданка, таа го даде вистинскиот плод, оној долго заборавен и потиснуван од туѓите, калемени гранки на пропагандите и идеологиите. Тој плод, меѓу другото, е и независна и суверена Република Македонија во која вие, историчарите, имате целосна академска слобода да истражувате и пишувате. Таа слобода ви овозможува без ронка страв и со критичко око да ги преиспитувате догмите врежани во камен кои со децении беа третирани како општопознати факти од страна на некои ваши колеги од соседството“, рече претседателот Иванов пред учесниците на конференцијата.

„Денес, за жал, се прават обиди и на таа фиданка да ѝ се накалеми туѓа гранка. А таа туѓа гранка е Договорот од Преспа. Во член 8, точка 5 е предвидено формирање на „Заеднички интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања“. Иако тој комитет би требал да го разгледува објективното научно толкување на историските настани, сепак, симптоматично е што тоа треба да го прави под надзор на министерствата за надворешни работи на двете држави. Авторите на текстот на Договорот од Преспа, кои и да се тие, покажуваат или елементарно непознавање на балканската историја или загрижувачка индиферентност кон сложените процеси на градење балкански идентитети. Искрено, не знам која од овие две алтернативи е полоша “, рече македонскиот претседател.

Според претседателот Иванов, со договорот од Преспа се негира правото на самоопределување, се негира правото на слобода на мислење и изразување гарантирани со Универзалната декларација за човекови права.

„Современата грчка држава инсистира името Македонија да се употребува само за административната област што се наоѓа во нејзините граници. Бирократите во некои меѓународни организации го бришат името Република Македонија и придавката македонски со еднаква ревност како што тоа го правеле византиските хроничари пред 1000 години“, рече претседателот Иванов.

„Со Договорот од Преспа, вашата академска и образовна дејност ќе ја надгледуваат политичари, дипломати и бирократи кои ревносно ќе ги цензурираат учебниците што вие ги пишувате или од кои вие предавате“, рече претседателот Иванов на свеченото отворање на Првата национална конференција за византологија и медиевистика „Самуиловата држава – 1.000 години потоа (1018-2018)“.

„Една од причините за пропаста на Самуиловата држава беше превртливоста на нејзините елити, кои за титули, инсигнии, стипендии и престиж ја менувале страната. Нешто слично гледаме и денес. И во такви услови, за жал, секогаш ќе се најде некој кој ќе прифати да напише политички коректна историја во која ќе се наметнуваат претстави скроени по волјата на нашиот јужен сосед. И тие плодови на тој нов калем ќе им се даваат на нашите деца во училиштата и на нашите студенти на факултетите“, рече претседателот Иванов.

„Договорот од Преспа има за цел од нас да направи фуснота во нечија туѓа верзија на историјата, и со тоа да го затвори поглавјето за самоопределувањето на Македонскиот народ и неговата суверена и независна Република Македонија“, рече претседателот Иванов.

„Да не дозволиме некој да ја исполитизира историската наука. Да не дозволиме некој да создава политички коректна историја. Да не дозволиме некој да ни ја ограничува академската слобода и да не цензурира“, порача претседателот Иванов на отворањето на Првата национална конференција за византологија и медиевистика „Самуиловата држава – 1.000 години потоа (1018-2018)“.

Националната конференција за византологија и медиевистика „Самуиловата држава – 1.000 години потоа (1018-2018)“ е во организација на Комитетот за византологија и медиевистика на Република Македонија, а под покровителство на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.

 

Поврзани новости