Ивана Јанева, авторка: Колекционер сум на насмевки и не сакам луѓе-уништувачи на среќа!

by Fokus

Авторката Ивана Јанева пред извесен период ја издаде својата прва книга насловена како „Зборовите на безгласната девојка“, која доживеа и свое второ издание.

Во интервју за „Фокус“, таа раскажува дека пријатно е изненадена со тоа како е барана нејзината книга, а уште повеќе што добива позитивни коментари и од машката популација.

Инспирација постои во се и од се, само ако знаеш да ја препознаеш. Јас сум емпат. Ги чувствувам туѓите емоции, а ги пренесувам на хартија на мој начин“, го започна разговорот таа.

Како што додава Јанева, многу е важно да се соживее со тоа што го пишува на хартија, со цел да има поголем ефект кај читателската публика.

Интересен факт е тоа што читателите не прават разлика. Сметаат дека секоја приказна е лично моја и сочувствуваат со мене“, посочи авторката.

Нејзината книга е полна со емотивни раскази, белешки кои се длабоки, а односот маж-жена може да биде многу важен фактор за еден автор.

Тоа и те како може да биде инспирација. Сето она што тие го рефлектираат… љубов, разочарување, среќа, тага, гнев, задоволство… писателот го „лови“ и го заробува во книга“, вели Јанева.

Таа вели дека добива различни коментари за нејзината книга и не верувала дека нејзините зборови ќе разбудат, како што вели, толку силни емоции.

Јанева ужива во среќата која таа ја создава и порачува дека во нејзиниот живот нема место за луѓе кои истата ја уништуваат.

Ако ја пронајдеме среќата во сами себе, сме пронашле непресушен извор на богатство. Ако ја бараме во другите, тогаш сме крадци. Себични луѓе. Сакаме туѓо а не даваме свое. Не дека не знаеме како, туку едноставно скоро сите се раководат кон она – Твоето е и мое, а моето е само мое. Јас уживам кога сама си ја создавам среќата и кога ја делам, бидејќи така станува поголема. И да, ги занемарувам сите оние уништувачи на среќа. За нив, во мојот живот место нема“, искрена е авторката.

Издавањето на книга е исполнување на нејзиниот сон и долги години таа во главата си „правела“ шеми за тоа како ќе изгледа делото.

Со нетрпение го чекав денот кога ќе станам писател. Всушност, секој се раѓа со талент. Само зависи колку човек ќе го развие во текот на животот. Јас го прифатив талентот и секој ден се надоградувам. Искрено, немав и некоја замисла колку тираж ќе брои првото издание, а не па да помислам на второ. А и почесто почнав да добивам и коментари од машката популација, тоа ме радува. Тоа што корицата е розева, не значи дека книгата е наменета само за девојчиња“, вели таа.

Времето што и е слободно, нашата соговорничка вели дека сака да го поминува со ведри и позитивни луѓе, кои се радуваат на туѓата среќа.

Сакам луѓе со широки погледи. Луѓе кои работат на себе. Сакам да читам добра книга. Трилер најчесто. Квалитетно кафе. Одлично се снаоѓам во кујна (до сега никој не се пожалил). А во последно време имам и ново хоби, колекционер сум на насмевки“, го заврши разговорот Јанева.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости