Љубителите на легендарната рок група Архангел деновиве се израдуваа на новата песна и спот ,,Пинокио’’ објавена по подолга пауза.
Песната беше најавена пред околу две години за време на настапот на фестивалот ,,Таксират’’, а пред неколку дена и пуштена во етерот. Комплетен автор на истата е фронтменот на бендот, Ристо Вртев, а она што е интересно е дека сценарист и режисер на спотот е неговиот син Иван. Тој се јавува и како актер во ,,Пинокио’’ заедно со Петар Стевановиќ и Славен Арсовски.
Околу тоа дали Ристо Вртев добива свој наследник, кој и во иднина ќе биде дел од проектите на Архангел, поразговаравме со Иван, момчето кое со својата харизматична појава не остана незабележано и ги воодушеви фановите на култната група.
-Предлогот да бидам дел од проектот беше на татко ми, бидејќи јас веќе некое време пројавувам интерес за режија, ме праша дали би сакал да се обидам да му изрежирам спот, за да стекнам првично искуство. Јас прифатив, изготвив сценарио кое што му се допадна, повикав двајца другари кои имаат актерско искуство и започнавме со работа – вели 21-годишниот Иван, кој на јавноста и е познат по улогата во филмот на Теона Стругар Митевска, ,,Кога денот немаше име’’.
Тој додава дека моментално се подготвува да конкурира на Драмски за театарска режија, и открива дека во минатото работел на неколку проекти. Околу тоа дали себеси се гледа како музичар, евентуално вокалист, раскажува дека нема некоја посебна желба во таа насока.
-Се пробав како пејач во средно училиште, со школскиот бенд, иако мислам дека искрено немав многу поим од пеење. Не беше лошо, но немам некоја посебна желба во таа насока. Околу тоа дали може да се очекуваат нови проекти во соработка со татко ми, или пак нешто наше, заедничко, велам дека е сосема возможно да ги има, но затоа – потоа – раскажува младиот Вртев.
Неговиот татко, Ристо е еден од најзначајните музичари кој во осумдесеттите и деведесеттите години на минатиот век направи вистинска рок револуција во земјава. Архангел пак, се смета за една од најдобрите групи во тој период.
Од страна на музичките критичари, нивните песни се опишани како длабоки, а пак Вртев често пати е претставен како одличен модерен поет кој остави многу на македонската рок сцена.
За делото и големината на творештвото на Архангел, Иван вели дека е свесен колку била влијателна и значајна групата.
-Многу луѓе кои сум ги сретнал ми имаат спомнато за тоа колкаво влијание оставил Архангел на музичката сцена. Јас можам само да сум горд на татко ми за успехот, и да му посакам и понатаму да продолжи – ни изјави Иван.
Вики Клинчарова