Наративот на Катарџиев за раѓањето на македонската нација, за луѓе учени половина век поинаку, беше премногу близок со бугарскиот. Така, само што почна пред дваесет години, од дебатата исчезна наративот на Катарџиев. Од јавниот живот на земјата исчезна и самиот Иван Катарџиев, кој, во 2014 година, беше лустриран како соработник на југословенските(!?) тајни служби.
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
Кога се работи за етногенезата на македонската нација, вели западната литература, треба да разликувам барем три историски наративи во самата македонска историографија: првиот наратив, кој ги наоѓа нашите корени во Античка Македонија, вториот, кој корените ги наоѓа во средниот век, и третиот, кој почетоците на македонската нација ги наоѓа во средината на деветнаесеттиот век.
Последниот е наративот на Иван Катарџиев. Сознанието дека постојат барем три спротивставени наративи во историската наука се коси со убедувањето на огромното мнозинство Македонци дека постои една единствена приказна за почетоците на македонската нација.
На една научна расправа во МАНУ, во 2003 година, по повод стогодишнината од Илинденското востание и издавањето на „За македонските работи“ од Крсте Мисирков, Иван Катарџиев ќе ги шокира своите колеги во МАНУ.
Имено, во својот настап, тој го отфрла традиционалниот наратив, за „големобугарските врховисти“ наспроти „патриотските македонски централисти“ или за злокобната улога на Егзархијата во „бугаризација на Македонците“, со тврдење дека не гледа никаква разлика меѓу двете револуционерни крила, зашто македонските револуционери „биле Бугари“.
Всушност, како нов член на Академијата, Катарџиев само ги дообјаснува своите ставови искажани во интервјуто во списанието „Форум“ во 2000 година. Таму тој ќе изјави дека во минатото, „македонскиот народ беше збирна именка. Таа се однесуваше на сите жители на Македонија – Бугари, Албанци, Власи, Турци…
Во 1944 година се говореше од страна на нашите моќници дека Гоце Делчев и Илинден не треба да се слават бидејќи тој бил Бугарин, а „Илинденското востание било бугарско востание“. На тоа новинарот на „Форум“ прашува: „Дали навистина Гоце Делчев се изјаснил за Бугарин и зошто?“
СИТЕ СЕ ИМЕНУВАЛЕ КАКО БУГАРИ
Катарџиев одговара: „…Сите наши луѓе се именувале како Бугари. Јас ќе ви кажам нешто што знам денес ќе наиде на противење. Првото име на македонската ослободителна организација било „Блгаро-македоноодрински револуционерни комитети“. Тоа го објавив уште 1965 година и од тогаш тоа овде се оспорува… Нема никаква валидна документација што би можела да го оспори тоа сознание.“
„Форум“ прашува: „Неодамна во едно интервју, висока функционерка на ВМРО-ДПМНЕ, зборувајќи за тезата дека левицата во Македонија секогаш била ориентирана кон Белград, а десницата кон Софија, ми го посочи примерот на Димитар Влахов – левичар од ВМРО (Обединета), кој се декларирал како Бугарин“.
Катарџиев одговара: „Да тоа е точно. И не само Димитар Влахов. Павел Шатев, Панко Брашнаров, Ризо Ризов и други. Меѓутоа, овде тезата е погрешно поставена. Не се работи за тоа дали левицата се определуваше за Србија, а десницата за Бугарија. Тука се мешаат поимите.
Практично, ни левицата, ни десницата не ја доведува во прашање својата бугарска провениенција. Тоа ќе го стори Димитар Влахов дури во 1948 на седница на политбирото, кога говори за постоењето на македонската нација…
Дотогаш сите ветерани останаа само на нивниот политички, а не и на национален сепаратизам. Сите велеа дека се Македонци, ама сите на тој поим му даваа поинаква содржина“.
КОЈ Е КАТАРЏИЕВ?
Кој е Иван Катарџиев? Роден во 1926, во селото Плоски, блиску до Сандански, Пиринска Македонија, Катарџиев доаѓа во Скопје на студии веднаш по војната.
Студира тука и во Загреб и заедно со уште дузина колеги стипендисти, од вкупно преку стотина бугарски студенти, потпишува протестно писмо против укинувањето на политиката за културна автономија на Македонците во пиринскиот крај по Информбирото.
Живее во Скопје, станува наставник по историја во гимназијата „Јосип Броз Тито“ и професор на универзитетот „Кирил и Методиј“. Подоцна во својот живот Катарџиев е примен за член на МАНУ. Во 1995 година, СДСМ го кани професорот Иван Катарџиев да стане член на партијата и тој ја прифаќа поканата со образложение дека социјалдемократската опција му е најблиска до срцето.
Сосема е сигурно дека Катарџиев, во времето на владеењето на Сојузот на комунистите, чиј член бил и самиот, ја предавал официјалната историска догма зашто поинаку не би можел да си ја сочува работата и кариерата на историчар.
Но, верувам, падот на еднопартискиот систем и на неговите механизми за репресија против поинакви мислења од официјалното, го ослободуваат и него и неговиот ум.
СДСМ на Бранко Црвенковски никогаш не застана зад ставовите на Иван Катарџиев, иако од надвор гледано се чинеше дека Катарџиев е новиот идеолог на партијата со чија помош, во услови на слобода и демократија, социјалдемократите ќе вообличат нов историски наратив.
Тоа не се случи. Многу бргу, по интервјуто во „Форум“ и научната расправа во МАНУ, дебатата на оваа тема ја покри молк. Штета.
Индивидуалните обиди да се осветлат некои лични приказни од минатото, меѓу кои беа и некои мои текстови, ја немаа тежината на научниот опус на историчарот Иван Катарџиев, кој ја носеше неформалната титула најистакнат историчар за деветнаесеттиот и дваесеттиот век, како и за времето на македонските револуционерни борби.
Во меѓувреме, без спротивставување од јавноста и од историчарите, новата партија на власт, ВМРО-ДПМНЕ го избра најграндиозниот историски наратив, сосема во согласност со праксата во посткомунистичките земји од Источна Европа, кои во замена на изгубената комунистичка идеологија се свртеа кон славното минато.
ИСЧЕЗНАТ НАРАТИВ
Но, спротивставувањето дојде од надвор кога Грците, согласно својот, но и светскиот историски наратив, не се согласија младата словенска нација да ги постави темелите на својот национален идентитет во античка Македонија.
Наративот на Катарџиев за раѓањето на македонската нација, за луѓе учени половина век поинаку, беше премногу близок со бугарскиот. Така, само што почна пред дваесет години, од дебатата исчезна наративот на Катарџиев.
Од јавниот живот на земјата исчезна и самиот Иван Катарџиев, кој во 2014 година беше лустриран како соработник на југословенските(!?) тајни служби.
По тој повод, Катарџиев ќе изјави: „Никогаш не сум соработувал со полицијата и немам врска со она што беше презентирано како доказ. Оваа лустрација ме потсетува на средновековната инквизиција…“.
Набргу и тој ќе замине од овој свет: на 1 декември 2018 ќе почине историчарот и членот на МАНУ, Иван Катарџиев. Верувам во имунитетот на македонскиот национален идентитет, ќе каже Катарџиев, соочувајќи ја нацијата со своето минато.
Епилог. Подоцна и сосема случајно, на сајтот на „Трибуна“ сретнав писмо пишувано пред повеќе години, од потомок на Методија Шаторов Шарло, како реакција на мој текст за партизанската генерација на некогашните Јужносрбијанци, кои ја создадоа македонската држава и го прогласија раѓањето на македонската нација.
Во писмото тој ми укажува дека неговиот предок Шарло би имал друга приказна да каже, поинаква од мојата. Не го видов писмото за, на време, да го поттикнам да ја каже приказната на својот дедо, но и денес не е доцна.
Всушност, посакувам дебата во која можеш спокојно да кажеш свој став, а соговорникот да коментира дека ставот ти е интересен и да понуди сопствено мислење на темата.
Тоа е толку ретко денес, кога, преку социјалните мрежи, со најпогрдни зборови, лесно можеш да бидеш нападнат за сопственото мислење.