Ива Михаилова бара да се вклучи онлајн на денешното судење

by irena 12:47
12:47

Дваесет и тригодишната Ива Михајлова, против која се води судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици, побара да учествува на судските рочишта преку видеоврска, додека престојува во Бугарија, каде што, според нејзините тврдења, се лекува од повредите здобиени во несреќата.

Во интервју за Бугарската национална телевизија (БНТ), Михајлова изјавила дека два експертски извештаи, според нејзиното толкување, ја потврдуваат нејзината невиност. Таа повторно ги изнела обвинувањата дека во Северна Македонија не ѝ бил обезбеден соодветен медицински третман, поради што била принудена да побара лекарска помош во соседна Бугарија.

Судската постапка пред Основниот суд во Кочани продолжи денеска со сослушување на двајца вештаци. Во меѓувреме, Јавното обвинителство побара дополнително вештачење на медицинската документација, со цел да се утврди здравствената состојба на обвинетата и оправданоста на нејзиното лекување надвор од државата.

Михајлова за БНТ изјавила дека во Бугарија пристигнала на 12 октомври и дека медицинскиот третман го започнала пред три до четири недели, додека со рехабилитација почнала неодамна. Според неа, засега не може да се предвиди колку време ќе биде потребно за целосно закрепнување.

Таа тврди дека сè уште чувствува сериозни последици од повредите, особено во пределот на ‘рбетот. Како пример навела дека повеќе не може удобно да ги прекрсти нозете, а лекарите, според нејзините зборови, ја предупредиле дека одредени симптоми, меѓу кои и вкочанетоста на екстремитетите, можеби ќе останат трајни.

Бугарските медиуми пренесуваат дека, доколку тамошните лекари не успеат да го обезбедат потребниот третман, постои можност Михајлова да биде испратена на дополнително лекување во Израел.

Во меѓувреме, македонските здравствени власти најавија дополнителни проверки на случајот. Министерот за здравство Сашо Клековски соопшти дека ќе биде формирана посебна комисија, во која ќе учествуваат и странски медицински експерти, за да се разгледаат околностите поврзани со лекувањето на Михајлова.

Формирањето на комисијата ќе следува по завршувањето на првичниот инспекциски надзор што го спроведува Државниот санитарен и здравствен инспекторат во повеќе здравствени установи.

Клековски претходно изрази сомневање во здравствените причини за заминувањето на Михајлова во Бугарија. Според неговите изјави, нејзиното заминување се совпаднало со најавената посета на бугарски медицински конзилиум, кој требало да ја провери нејзината здравствена состојба и наводите за несоодветно лекување.

Случајот доби и дипломатска димензија, откако од Бугарија беа упатени критики за постапувањето на македонските институции, на кои реагираше Министерството за надворешни работи.

Против Михајлова се води постапка пред Основниот суд во Кочани за сообраќајна несреќа во која едно лице го загубило животот, а повеќе други биле повредени. Таа во моментов се бара со меѓународна потерница.

Во Бугарија престојува и нејзиниот татко, Симеон Михајлов, кој претходно ја напуштил Македонија по изречената затворска казна од 12 години и шест месеци за случајот „Детонатор“. И по него е распишана меѓународна потерница.

Додека Михајлова инсистира дека нејзиното заминување е исклучиво поради здравствени причини, надлежните институции продолжуваат со постапките за утврдување на фактите, а судскиот процес во Кочани останува во тек.

Слични вести