Итнo свикана собраниска комисија, се туркаат измени на Кривичниот законик со „европско знаме“!

Владата предлага поблаги казни за „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „злосторничко здружување“.

by Фокус

Членовите на собраниската Комисија за европски прашања добиле известување дека денес попладне се закажува комисиска седница, на која на дневен ред ќе биде владин предлог за измена на Кривичниот законик.

Како што велат дел од пратениците за „Фокус“, се предлага намалување на казната за делото „злоупотреба на службена положба и овластување“ и за „злосторничко здружување“.

Моментално, Кривичниот законик во членот 353 за делото „Злоуотреба на службена положба и овластување“ предвидува:

(1) Службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.

(2) Ако сторителот на делото од став 1 ќе прибави поголема имотна корист или ќе предизвика поголема имотна штета или потешко ќе ги повреди правата на друг, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет мгодини.

(3) Ако сторителот на делото од став 1 прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, сторителот ќе се казни со затвор најмалку три години.

(4) Со казна од ставовите 1, 2 и 3 ќе се казни и одговорно лице, одговорно лице во странско правно лице што има претставништво или врши дејност во Република Македонија или лице што врши работи од јавен интерес, ако делото е сторено во вршење на неговото овластување или должност.

(5) Ако делото од ставовите (1) и (4) е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години.

ШТО ПРЕДВИДУВААТ ПРЕДЛОЖЕНИТЕ ИЗМЕНИ?

Имено, најбитната промена е во ставот 3, каде се предвидува дека сторителот ќе се казни со казна затвор од една од 4 години, што значи дека се воведува горна граница, од која се пресметува застареност.

Во актуелното законско решение, нема горна граница, туку санкцијата е дефинирана на најмалку 3 години, што значи дека горната граница се поставува на 20 години.

Во врска со делот за злосторничко здружување, членот 394, став 1 сега предвидува: „Тој што ќе создаде група или банда што има за цел вршење на кривични дела за кои може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна, ќе се казни со затвор од една до десет години“.

Со предложените законски измени, пак, се предвидува дека пропишана санкција до 10 години се намалува на до 3 години, додека санкцијата пропишана на до 5 години во ставот 2 се намалува на до 2 години.

Влатко Стојановски

Поврзани новости